Зад себе има работно искуство како новинарка, диџејка, портпаролка, а од пред некое време е активна на новата работна позиција, лице за односи со јавност и портпарол на Зоолошката градина во Скопје. Тина Мицковска е исклучително посветена на новиот ангажман, каде вели дека комплетно се пронашла, бидејќи ги обожава животните. И како вистински борец за нивните права, вели дека она кое најмногу ѝ пречи е ниската свест за грижата за животни: 

- Сведоци сме на масовни труења и малтретирања на животни во последните години, кои земаат сѐ поголем замав, а сторителите не се казнети и откриени. Љубителите на животни на сите можни начини се борат да помогнат во вдомување на бездомните мачиња и кучиња, во нивно лекување, но и во подигнување на свеста кај луѓето со предрасуди кон нив. Секако голема улога во едукацијата на децата треба да имаат и родителите, да ги научат да ги сакаат животните и да знаат дека тие не им се непријатели, туку напротив некој што ќе им пружи многу љубов. Често пати сум слушнала мајки како им велат на децата „Ако не си мирен или ако не јадеш, ќе дојде кучето и ќе те лапне“, а тоа е сосема погрешен пристап кој понатаму создава трауми кај децата. Но, искрено се надевам дека со многу работа и медиумска кампања ќе помогнеме во едукација на луѓето, а животните ќе бидат заштитени.

Во светските метрополи една од поголемите атракции е убавата Зоолошка градина. Ќе ја имаме ли можноста ние и идните генерации да живееме со таа привилегија?

- Ме радува фактот што улогата на Зоолошките градини е променета за разлика од порано, кога служеле само како атракции и запознавање со животните. Модерните Зоолошки градини едуцираат, помагаат во опстојување на загрозените видови, создаваат фондации за зачувување на животинскиот свет во дивината и преку разни истражувања и настани помагаат за подигнување на еко свеста. Скопската Зоолошка настојува да го следи тој позитивен тренд и во иднина планираме живеалиштата на нашите животни по изглед да бидат што поблиску до нивните природни животни средини. Нивната благосостојба ни е на прво место, а секако тука се едукативните и забавни содржини за нашите посетители. Сакаме најмалите да научат што повеќе за животинскиот свет, но и дека кон секое животно треба да се однесуваат со многу љубов. Порано, во Скопје Зоо посетителите не ги знаеја имињата на животните ниту пак која е нивната приказна, но сега ги раскажуваме приказните за секој наш жител. И тие се личности, со име и карактер и посебно сум среќна што посетителите веќе ги доживуваат како свои пријатели. Таков е примерот со двете слоници. Сите знаат дека се викаат Дуња и Даела, никој веќе не вели „Одиме да видиме слонови“.

 

Што значи да се биде портпарол на Зоолошка, односно колку е поинаку да се работи во средина опкружена со животни?
- Во Зоолошката градина сум лице за односи со јавност и портпарол, но сите имаме и еден куп обврски што не се во нашиот домен и со задоволство ги завршуваме, бидејќи се работи со многу љубов. Луѓето од надвор не знаат дека во Зоолошката има работа и по 24 часа. Постојано нешто се поправа, секојдневно се носи свежа храна за животните, се чистат нивните живеалишта, се организираат настани, едукативни тури... Пресреќна затоа што сум опкружена со животни и понекогаш ми доаѓа сите да ги гушнам иако знам дека тоа не е возможно. Секој ден ми даваат позитивна енергија, а наутро прво што правам кога ќе дојдам во Зоолошката е да ги поздравам сите мои крзнени пријатели. Потешкиот дел од работата се несовесните посетители кои за жал мора да ги опоменуваме и по илјадници пати во денот.

Може да се заклучи дека возрасните не им даваат на децата вистински пример за тоа како треба да се однесуваат во Зоолошка градина.
-
Да, за жал. Поголемиот дел од родителите се недоволно едуцирани и совесни на темата однесување во Зоолошка градина. Иако насекаде има огради, свесно ги изложуваат деца на опасност подигнувајќи ги прекачувајќи преку нив, за да ги видат животните одблизу. Ги учат да ги хранат со смоки и друга нездрава храна на животните, што апсолутно е најголем проблем за животните, но и за нас. Низ целата градина и на секое живеалиште има поставено табли на кои јасно пишува дека хранењето животни е забрането, но трендот на хранење животни продолжува. Секојдневно се обидувам на дечињата да им објаснам дека од таквата храна животините ги боли стомакот, и навистина ме разбираат. Еве, уште еднаш јавно апелирам до родителите „Не ги хранете животните“. Тие имаат своја табела на исхрана, направена од биолог. Некои животни не смеат да јадат морков, некои пак банана. За повеќето, зелката е кобна. Затоа не давајте храна на своја рака, колку и да мислите дека е супер за нив. Доколку сакате да храните животни, на улиците има еден куп мачиња и кучиња кои се гладни и ќе бидат пресреќни ако ги нахраните и погалите.


Кога би биле дете, како би сакале да ја доживеете Зоо градината?
-
Се сеќавам дека кога бев мала не сакав да јадам и мајка ми постојано ме носеше кај слоницата Анка. Тогаш апетитот ми се враќаше веднаш (ха,ха,ха). Кога денес би била дете, би сакала за животните да го знам сето она што го знам сега како возрасна. На пример, дека жирафите се викаат Каспер, Флопи и Тобого и дека се најдобри другари. Дека тигрицата Ана е од загрозен вид, дека морскиот лав Кан обожува да јаде скуша, но не треба да му фрламе ништо во базенот, затоа што тоа е кобно за него. Сакам и другите деца да ја доживеат зоолошката како место на кое што ќе им се роди љубов кон животните и каде ќе стекнат нови другари со кои често ќе сае дружат.

Најново на форумот

  • No posts to display.