Ана Кртолица-Георгиев е доктор по дентална медицина и мајка на две мали деца. Спојувајќи ги работното искуство, образованието во областа на стоматологијата кое го стекнала во Љубљана и мајчинството, таа го создаде проектот „Повеќе насмевки“.

Целта на проектот е преку интерактивни современи методи да се подигне свеста кај родителите и децата за важноста на грижата за забите од најрана возраст. Досега бесплатниот курс го имаат поминато 100 дечиња.

 

 

Кажете ни нешто повеќе за работилницата „Повеќе насмевки“, од каде идејата за ваков проект?
-
„Повеќе насмевки“ е бесплатна интерактивна работилница, која има за цел да ја поткрене свеста за усното здравје и важноста на грижата за забите од најрана возраст. Всушност, главниот мотив е да создадеме идни генерации со здрави навики, здрави заби и подобро здравје во секоја смисла.

Идејата за работилницата се роди како комбинација од искуства, професионално и родителско. Професионалното искуство стекнато во Словенија, ми отвори перспектива да можам да споредам до каде сме ние во Македонија на темата усно здравје. А преку родителството, со сите предизвици на воспитувањето, сфатив дека ако јас како стоматолог имам потешкотии да ги измијам забите на своите деца, веројатно и другите родители го имаат истиот проблем.

 

Минатиот месец имавте јубилеј 100 дечиња експерти по миење заби, какви ви се плановите со работилницата, до кога таа ќе се одржува?

- Работилнициата се одржуваше секоја сабота цели 3 месеци, во градинката „Грин хаус“. Повеќе од 100 дечиња и нивните родители го поминаа курсот за здрави заби, што за мене претставува голем успех и ми дава енергија за проектот да продолжи да живее. Веќе е во тек втор дел од работилницата – “Запознај ја ординацијата“ . Во овој дел на децата им закажувам термин по претходен договор во семејната ординација „ Д-р Кртолица“ и им нудам бесплатен преглед. Целта е децата да ја запознаат ординацијата, инструментите за работа и професијата стоматолог. Првата посета на ординацијата не смее да биде поврзана со болка или било каква интервенција. Само така може од тие мали дечиња да се создадат добри пациенти, кои ќе соработуваат и ќе имаат здрави и санирани заби.

 

Дали тоа значи дека првиот дел од работилницата, кој досега се одржуваше веќе заврши?

- Апсолутно не. Работилницатасе покажа како динамичен проект кој еволуира и се менува. Зимата ќе ја презимиме во ординација како што реков, со запознавање на истата и бесплатни прегледи за сите деца. Во план е работилницата да се одржи во неколку градинки во Скопје и да допре до што повеќе деца, да ги научи како да се грижат за своите заби и здраво да се хранат, се со цел да создадеме идни генерации со здрави заби. На пролет повторно се враќаме во градинката „Грин хаус“ со редовните работилници во сабота. Инаку верувам дека „Повеќе насмевки“ за секогаш ќе живее како проект за поткревање на свеста за усното здравје во склоп на семејната ординација „Д-р Кртолица“.

 

Студиите и работното искуство ги имате стекнато во Словенија, можете ли да направите споредба какво е нивото на свест за усно здравје кај нас и таму?

- Токму затоа што го имам тоа искуство ја создадов работилницата, и секако сакајќи да дадам свој придонес за нашето општество. Во Словенија имаат навистина висока свест за усно здравје и здрава исхрана. Тие учат како до здрави заби на курс за родители уште за време на бременоста. Првата посета на стоматолог е со растењето на првото запче. Така стоматологот може да се запознае со детето и да го следи неговиот рзавој, детето го запознава докторот и ординацијата. На тој начин се создава пациент кој нема страв, бидејќи не доживеал болни интервенции. Таков пациент соработува и е свесен за своето здравје. Најголема грешка е да посетите стоматолог кога веќе нешто ве боли. Би сакала ваквиот стил на работа да се постигне и кај нас. За да создадеме свесни генерации со здрави заби, навистина мораме да започнеме од најраното детство.

 

Мајка сте на две мали деца, кажете ни што вие правите за да ги сочувате нивните заби здрави? Кои се вашите совети за родителите?

- И во нашиот дом понекогаш се води војна да се измијат забите пред легнување. Свесна сум дека понекогаш сум „досадна мајка“, но децата до 6 годишна возраст немаат моторичка спретност самите темелно да ги изамијат забите. Затоа им е потребна проверка и помош од родителот. Ако случајно не сме во можност да ги измиеме, јадеме јаболко или било каков крцкав зеленчук или овошје, со тоа забите самите се чистат. Водата ни е најдобар пријател, ја пиеме секогаш. Избегнуваме слатки пијалаци, леплива и слатка храна која долго распаѓа во устата, како смоки, лижавчиња, бонбони...Користиме паста за заби со аминфлориди чија концентрација е прилагодена за деца. По третата година потребно е и професионално флорирање на забите со флоридни лајнери и секако редовни контроли кај стоматолог.

 

За крај кажете ни како сите заинтересирани родители и деца можат да ја посетат вашата работилница и да се запознаат со ординацијата и професијата стоматолог?

- „Повеќе насмевки“ има своја веб страница и страница на фејсбук на кои сите заинтересирани можат да добијат повеќе информации за проектот и да видат како тој до сега се одвивал. Сите кои ќе сакаат да дојдат да ја запознаат ординацијата, професијата стоматолог и да добијат бесплатен преглед за своето дете треба претходно да закажат термин и тоа можат да го сторат преку страниците на „Повеќе насмевки“ и контактите кои ги има таму. Секако таму сум достапна да одговорам и на сите прашања на родителите кои имаат било какви дилеми и им се потребни совети. Свеста за усното здравје во Македонија се повеќе се развива и ми претставува огромна чест да бидам дел од тоа.

Редакција- Родители и деца

{AG thumbWidth="200" thumbHeight="120" thumbAutoSize="none" arrange="priority" backgroundColor="ffffff" foregroundColor="808080" highliteColor="fea804" frame_width="500" frame_height="300" newImageTag="0" newImageTag_days="7" paginUse="1" paginImagesPerGallery="10" albumUse="1" showSignature="0" plainTextCaptions="1" template="classic" popupEngine="slimbox"}2014/12/zabar{/AG}