Пред три седмици нашиот телевизор се расипа. Со оглед дека неколку години го имаше почесното среднишно место во нашата дневна соба, очекувано беше дека откако ќе го поправиме, да се врати на своето место. Но наместо тоа, решивме да го отстраниме и се надевам засекогаш го отстранивме од собата која е наменета за дружење, а не за ѕверење во телевизорот.

На почетокот наидов на неодобрување, не од страна на децата од кои тоа најмногу го очекував, туку од страна на сопругот. Но со оглед дека во куќата постои уште еден телевизор (оној во гостинската соба) немаше излез. За да бидам сигурна дека телевизорот по некое време нема да се врати на своето место, на негово место ставив нови полици на кои сега се наредени нашите семејни фотографии.

 

Кои се последиците за нашето семејство?

• Имаме повеќе време едни за други.

• Се слушаме едни со други без позадински шумови и одвлекување на вниманието.

• Утрата се помирни со лесна музика.

• Децата побрзо се спремаат за одење во градина и училиште, бидејќи појадокот го јадат во мир, а не гледајќи во цртани филмови.

• Со оглед дека нема гледање ТВ серии и одењето на спиење е побрзо.

• Наместо гледање цртани по бањање, си играме (речиси секој ден тука е неодминливата игра криенка во темница) и сите заедно читаме.

• Слушаме музика и танцуваме.

• Забележувам се помалку конфликти меѓу децата и се помалку од цртаните научено агресивно однесување.

• Децата се покреативни, слободното време го користат за игра и забава на за многумина заборавен начин.

Со оглед дека во куќата има уште еден телевизор, не сме без омилените цртани или филмови. Само што нивното гледање е ограничено за викенд, ограничен е изборот на цртани филмови ( ги гледаме оние најдобрите, најмалку агресивните, едукативните, а децата ги обожаваат документарците за животните) и ограничено е времето потрошено пред телевизорот.

Се на се, моја препорака за сите е – тргнете го телевизорот од просторијата во која се дружите. Тргнете го од спалните соби, особено детстките. Дружете се, слушајте ги своите деца и играјте си со нив.

 

Преземено

Најново на форумот

  • No posts to display.