Понекогаш е навистина тешко да најдете време да бидете сами, иако живеете под ист покрив. Семејството, работата, децата, секогаш се присутни. Чувствувате дека имате потреба да избегате и уживате само вие со сопругот, како во старите добри времиња. Но сега со бебето, животот ви станува поисполнет и поголеми обврски се пред вас, преморени сте и имате се помалку време кое можете да го поминете со сопругот.

Тоа е нормално, бебето секако е на прво место, барем првата година, а врската со партнерот да се најде во втор план. Поради тоа новопечениот татко, се чувствува запоставен од својата сакана, која сега има нова улога - мајка, која од нејзе бара да биде постојано насочена кон задоволување на потребите на бебето. По некое време, кога ќе почувствувате дека животот со новиот член веќе станал рутина, време е да си дозволите нов вид интимност и блискост со партнерот.

 

Многу е важно времето поминато заедно да биде квалитетно, а тоа ќе помогне да се зајакне вашата врска и да имате здрав и среќен семеен живот.

Еве неколки предлози како да си обезбедите време само за вас и да го поминете квалитетно.

1. Ангажирајте бебиситерка – доколку ви е проблем или пак се чувствувате посигурно да го оставите бебето со некој познат, ангажирајте некој близок пријател на неколку часа. И запомнете. Не мора да биде целовечерна забава. Доволни се неколку часа поминати заедно, да излезете на вечера, да гледате филмови или пак да уживате во топла купка заедно.

2. Зграпчете го мигот – ако не сакате да ангажирате бебиситерка, тогаш зграпчете го првиот слободен момент, кога бебето ќе заспие, искористете го да поминете заедно. Исклучете го телевизорот, оставете ги сите незавршени обврски и посветете му се нему. Иако можеби тоа ќе биде кратко време, сепак е доволно за да поразговарате сами во тишината на домот.

3. Поминете квалитетно време - не е потребно да чекате да се стемни за да поминете убави мигови заедно. За промена можете да заминете на работа порано, заедно или еднаш неделно искористете ја паузата за кафе или заеднички ручек. Ќе се изненадите колку е убаво и лесно да се разговара додека сте сами надвор од дома и без постојано да се грижите дали се е во ред за бебето.

4. Купете билети – ако сте спортски или музички обожаватели, можете да купите билети за некој натпревар или концерт (или пак за некоја театарска претства, филм). Кога веќе сте дале пари за билети, ќе се чувствувате обврзани да излезете, а ќе поминете време посветени на нешто кое ви е од заеднички интерес.

5. Нека биде забавно – поделете ги обврските и извршувајте ги заедно. Забавувајте се, зборувајте и смејте се додека работите.

6. Викендот нека е навистина викенд – научете се да го користите викендот на вистинскиот начин! Заборавете на практиката дека тоа е време за завршување на разни обврски по дома. Запакувајте ја торбата за бебето, земете ја количката или „кенгурот„ , уживајте во викендот како семејство – прошетка во парк, во природа, во некој трговски центар, зависно од условите.

7. Измислете нови ритуали – секоја вечер прошетајте заедно со бебето. Од ова сите ќе имаат корист - тоа ќе ви дојде како вежба на отворено, а вие и партнерот сте заедно.

8. Играјте друштвени игри – игрите се одличен начин да се смеете и забавувате, затоа најдете ги таблата, картите, монопол и сл. Или едноставно заедно решавајте судоку сложувалка.

9. И на крајот – често новите родители се снаоѓаат со новата улога, но забораваат на тоа да се посветат сами на себе. А тешко е да му се посветите некому целосно, ако немате ниту минута слободно време кога сте сами. Осигурете си барем 15 минути време кое ќе биде само ваше, кога ќе можете да си ги преслушате омилените песни, да се прошетате кратко надвор или да се слушнете со пријатели кои не сте ги чуле одамна.

Запомнете – само среќниот родител создава уште посреќна врска и многу среќно бебе.

Најново на форумот