Е прашањето кое често си го поставуваат мајките кои се вработени и соочени со предизвиците кои ги носат обврските на работа и во домот. Неда Аницин Темелковска, вработена како ПР менаџер, е првата гостинка во оваа тема.

Иако по вокација е психолог (во меѓувреме го подготвува магистерскиот труд) , веќе девет години работи како успешен ПР менаџер. Своето слободно време комплетно го посветува на семејство, во кое главен е синот Даријан (1,5 г).

За мене

Сакам луѓе, сакам да се дружам, го сакам социјалниот живот (кој е нераскинлив дел и од моите работни ангажмани). Од пред две години сопруга, а од пред годинаипол и мајка. Мојот живот го делам на живот пред и по раѓањето на Даријан. Со него сè е поинаку.

Моето мото не само во рамки на професијата туку и генерално во животот е „сè додека си сигурен дека тоа што го правиш во моментот, е она што најдобро знаеш и можеш да го правиш, тогаш си на вистинскиот пат“.

Во моментов не можам да се замислам да работам било што друго, од проста причина што незнам дали воопшто знам да работам нешто друго.

Работното искуство како професионален менаџер за односи со јавност го стекнав во неколку агенции, а во моментов работам во „Чептер 4“ - австриска агенција за односи со јавност.

Од психолог до ПР- професионалец

Кога се присетувам на моите професионални почетоци, паметам дека немав големa поддршка од околината. Тогаш за односите со јавноста сè уште не се знаеше доволно и ретко кој чувствуваше потреба за нивна примена. Често ми случуваше не само моите родители туку и пријатели да ме препрашаат што е всушност тоа што јас го работам? Кога ќе кажев дека работам во маркетинг агенција, луѓето мислеа дека таму единствено се „прават реклами“.

Кога бев трета година на додипломските студии на институтот за психологија прочитав еден напис од психологот Филип Котлер, познат како гуру за маркетинг, за значењето на психологијата во маркетингот и нивната заемна поврзаност, посебно во делот на однесувањето на потрошувачите. Фактот дека живееме во општество каде секому му е битна туѓата препорака, туѓото мислење, а сето тоа влијае на процесот на одлучување кај луѓето не само во процесот на купување туку и за многу други нешта, на некој начин беше пресуден момент за моето идно поле на интерес. Уште оттогаш мислам дека се пронајдов во професијата.

За професијата

Во изминатиов период многу често слушав и читав коментари дека односите со јавност се тренд или биле во тренд. Трендот е актуелен во моментот, тој е минлив, односите со јавност се стратешка и системска комуникација којшто е невозможно да се практикува еднократно. Затоа за ПР-от неможеме да зборуваме како за тренд, но можеме да зборуваме како за професија која е во подем, која станува сè попопуларна, затоа што компаниите и институциите се сè посвесни за значењето на професионалните односи со јавноста. Но од друга страна пак, за жал морам да констатирам дека сè уште е недоволно разбрана и неретко погрешно интерпретирана.

ПР-от е менаџерска алатка за управување и реализирање на бизнисите и затоа односите со јавност може да дадат резултати само доколку се работат во континуитет и на долг рок.

Комбинацијата на образование, искуство и постојано усовршување е формула за успех во секоја професија, но професионалците од областа на ПР-от треба да се мултидисциплинарни, сестрани личности, подготвени за предизвици. Јас велам во оваа професија или навистина те бива или воопшто не те бива. Тука нема компромиси и импровизации.

1. Предности

Мојата професија има навистина многу предности. Она што мене посебно ми се допаѓа е континуираната наобразба, постојаното учење, секојдневниот тек со новостите и новитетите. Сакале или не, луѓето што ја работат оваа професија на некој начин се многу љубопитни и на моменти знаат да бидат напорни со прашања за да дојдат до одредени информации се со цел подобро да ја разберат компанијата, институцијата, производот или услугата за која треба да подготват соодветна стратегија.

Она пак што кореспондира со мојата личност е постојаниот социјален ангажман, постојаната опкруженост со луѓе, непрекинатата комуникација. Ми се допаѓа чувството кога деновите ми се исполнети со бројни средби и состаноци.

Познанствата стекнати со текот на работата се случува да преминат и во приватни пријателства, а приватните пријателства некогаш случајно некогаш намерно, се причина за нови деловни контакти. Според мене тоа е уште една позитивна карактеристика на мојата професија. Така што поврзаноста меѓу приватниот и деловниот живот кај мене, на моменти за жал, на моменти за среќа, е голема.

2. Недостатоци

Толку многу сум вљубена во својата работа и во она што го работам, што мислам дека од пристрасност не можам да ги видам недостатоците. На моменти сопругот знае да ме освести со некои коментари дека мојата работа како да „нема работно време“, во смисла на телефонски повици и во попладневните часови, проверка на електронска пошта, работа во доцните ноќни часови, работа за викенди и сл. Но, ако човек умее да ги избалансира и испланира работите секогаш ќе пронајде доволно време, и нема да дозволи семејството да се чувствува запоставено. Е понекогаш имам потреба денот да ми трае подолго, што кажано со термини на трансакциона анализа, тоа доаѓа од мојот т.н. harry up driver или работен стил.

Во денешниот систем невозможно е да постои строга граница меѓу кариерата и семејниот живот, или можеби јас незнам за поинаков начин на функционирање. Според мене битното е и двете улоги, како професионалец и како родител, да се исполнуваат совесно и одговорно, а по колку часови во текот на денот ќе им се посвети е сосема небитно. Важни се продуктивноста и ефективноста на времето поминато во секоја од улогите.

Балансот меѓу работата и семејството

Откако Даријан дојде во мојот живот, морам да признаам дека има моменти кога навистина го чувствувам заморот и од работните, но и од домашните обврски, затоа што едноставно им нема крај. Ќе ве излажам ако кажам дека е лесно истовремено да се биде посветена мајка и успешен, а пред сè одговорен работник. Воопшто не се сложувам со категоричните констатации од типот дека во животот можеш да бидеш успешен или само во кариерата или само во родителството. Според мене тоа не се две исклучувачки категории.

Ведрина, оптимистичен поглед на нештата, позитивен пристап и насмевка се атрибутите кои ми го носат успехот во балансирањето на секојдневните работни и домашни обврски.

Секоја прошетка со семејството за мене претставува релаксација. Едно нескафе на летна тераса, дома или во надвор за мене е вистинско уживање. Најобичните нешта ме прават среќна. За мене нема „подобра терапија“ од насмеаното лице на Даријан.

Нега и убавина

Отсекогаш сум сакала да се негувам и да се одржувам во форма. Битно ми е да сум задоволна со својот изглед и да се чувствувам пријатно во сопствената кожа. Во врска со мојот изглед, отсекогаш сум сакала пред сè да ги задоволам сопствените критериуми за „среденост“ односно кога ќе се погледнам во огледало да си се допаднам самата себе си. Кога бев девојка и кога наутро имав повеќе време, ми се случувало дури и да се пресоблечам по неколку пати. Но, откако сме тричлено семејство, наутро приматот го има Даријан, сè и сите се вртат околу него, кој да го облече, кој да го нахрани, кој да го поигра и времето лета со брзина на светлината.

Благодарна сум за поддршката и помошта од сопругот Драган, без кои не би имала време за „разубавувачките ритуали“. Редовно одам на разни третмани кај козметичар и фризер. За среќа, и по породувањето со Даријан телото благодарение на природата ми е во добра форма. Но, секогаш може да биде и подобро, и затоа било која форма на физичка активност е повеќе од пожелна.{AG thumbWidth="200" thumbHeight="120" thumbAutoSize="none" arrange="priority" backgroundColor="ffffff" foregroundColor="808080" highliteColor="fea804" frame_width="500" frame_height="300" newImageTag="0" newImageTag_days="7" paginUse="1" paginImagesPerGallery="10" albumUse="1" showSignature="0" plainTextCaptions="1" template="classic" popupEngine="fancybox"}2013/05/neda{/AG}