Инспириран од психо-терписката работа со брачни двојки, почитувајќи го искуството како најдобра теорија, дојдов до заклучок дека често пати вистинската работа која им е потребна на партнерите што минуваат низ брачна криза е едукацијата, во смисла на освестени вештини за препознавање и носење со сопствените емоционални потреби, но и со потребите на брачниот другар и заедништвото. Искуството покажува дека човековото однесување е комплексен спој на биолошки потреби, нагони, инстикти, психолошки и емоционaлни потреби, социјални ограничувања и бенефити, спиритуалност...

Тешко е да се најде генерализиран тероетски пристап кој дава задоволително објаснување на однесувањето на поединецот, а уште е помала веројатноста да се постави задоволителна теорија која би ја објаснила интеракцијата помеѓу поединците. На пиедесталот на комплексност на овие интеракции, игри со себе и со другите, би ги поставил брачните релации.

Стапката на разводи прогредира и постепено прераснува во социјална грижа. Но, сепак една од најголемите иронии на современото живеење, е фактот на “одржан“ брак на комплетни странци. Молк. Суптилни повреди. Кавги. Пропуштени можности. Бракот не е еквивалент на заеднички живот и поделени одговорности. “Да се биде дома“ не значи да се биде физички присутен. Бракот е емоционално заедништво. Бракот ја задоволува психолошката потреба на интимност на секој од партнерите.

Интимноста опфаќа многу повеќе од брачниот кревет. Таа не е само психолошки “каприц“, напротив почива на длабока биолошка потреба. Доказ на тоа е потребата на афективно врзување на детето со родителите, тоа не може да порасне, да созрее ако не доживее физичка и емоционална врска со друго човечко суштество. Она што е интересно е дека оваа биолошка потреба на афективно врзување и интимност не поминува со годините. Само премногу вешто се потиснува. Ние плашејќи се од притисоците на нашето Супер Его или поради личната суетност и несигурност, учиме како да го заштитиме сопственото Его од налетите и потребите на Идот. Но тоа не е решение. Напротив нашиот т.н. „излез“ не води во безизлезност. Напнатост, анаксиозност, дисфорија, субдепресивност, исчекување, љубомора и т.н, го исполнуваат нашето битие. Сакале или не во стравот да се соочиме со сопствените емоции, одбиваме да ги препознаеме, па ги проектираме на некој друг, најчесто на партнерот. Партнерите не зборуваат меѓу себе, туку се обвинуваат. Не се кажува она што се чувствува, туку се предвидуваат туѓите чувства. Се префрла “жешкиот костен од рака во рака“ – па во еден момент ги гори и двете раце. Тогаш обид за помирување, во спалната соба.... Интимноста не е секс, не го исклучува, но не се ограчничува на сексот. Сексот е физичко задоволство, кулминација на емоционална исполнетост.

Љубовта е емоција. Бракот, од друга страна, е договор – невидлив договор. Двајцата партнери стапуваат во тој договор носејќи ги со себе сите очекувања, ставови, желби и интереси. Но, со себе ја носат и својата емоционална меморија. Емоциите, се паметат, начините на кои емотивно реагираме и се доживуваме себеси се учат. Она што е еднаш научено тешко се менува , но се менува. Минатото е присутно во нашите врски и бракови, многу повеќе од што сме подготвени да си признаеме. Она што го доживуваме сега сме го доживеале и претходно. Тоа важи за двајцата партнери, но внатре во врската тоа не е очигедно и лесно за препознавање. Па води до недоразбирања, несогласувања и разочарување дека работите не се одвиваат онака како што сме очекувале. Клучот е во интимност, разбрана како себе -разбирање и себе -изразување пред партнерот, но и разбирање и прифаќање на неговите потреби.

Интимноста започнува со разговор, со подготвеност да се сподели она што се доживува, вклучува слушање, апсорбција на зборовите и доживувањата на партнерот, продолжува со прегратка, а завршува со секс. Отсуство на редовен секс во брачна врска, упатува на отсуство на интимност, значи нема сосолушување на туѓите потреби, нема емпатија, нема разговор, но нема и себеразбирање, не постои способност да се препознаат сопствените емоции. Тие се таложат, нашите одбрамнени механизми не штитат постиснувајќи ги подлабоко и подлабоко, постепено емоционално “прегорувајќи“ не. Па стануваме мајстори во препознавање на сопствената анксионозт, нерасположеност, безволност, апатичност, несоница, вешти ловци на секој погрешен збор или дури и мисла на нашиот партнер, вечни тргачи по среќа која брачниот другар ни ја ускратил.

Интимноста се гради и никогаш не е касно да се зајакне . Затоа за да бидат разбрани вашите потреби гласно говорете за нив, за да ги разберете потребите на партнерот ислушајте го, споделувајте, разговарајте, не препоставувајте. Нека ве поведе љубовта, а не стравот од љубовта.

 

Најново на форумот

  • No posts to display.