Во животот постои едно едноставно, но многу парадоксално правило: „кога се обидуваш да ги промениш другите околу себе, ништо не се менува, но кога почнуваш да се менуваш себе си, тогаш цел свет околу тебе станува поинаков“.

 

Јасно е дека единствено нешто што можеме да промениме е - самите себе, а кога се менуваме себе, секако го менуваме и светот околу нас. Секој од нас некогаш во животот дошол во состојба да му е потребна психолошка поддршка и помош. Некои од нас долго време заглавуваат во животни ситуации за кои не гледаат никаков излез, никаков избор и решение, тонат во очај, тага, губат самодоверба и самопочит. Понекогаш проблемите изгледаат толку нерешливи што некои лица почнуваат да пројавуваат психосоматски болести, најразлични стравови и фобии, депресија, панични напади, анксиозност (многу силна вознемиреност) и други невротски тегоби. Притиснати од стресниот начин на живот, од потребите и можностите, психолошките проблеми стануваат се почести, но се поставува прашање: колку нашиот македонски менталитет „дозволува“ некому да побара професионална помош од психолог, психијатар, психотерапевт? Иако има знаци дека во оваа економска и политичка транзиција која ја пројдовме (или сеуште ја проаѓаме) луѓето се менуваат и на ментално ниво, сепак кога се во „ќор сокак“ обраќањето на професионалец е сеуште табу, посебно за градовите во внатрешноста. Сеуште се провлекуваат застарените сфаќања дека на психотерапија оди некој луд, нестабилен, некој кој не е способен да си ги реши проблемите, некој „ненормален“, понатаму се среќаваат и сфаќања „зошто да давам пари кога комшиката Рада ми е тука“ (а Рада е економист по професија), „јас сум поголем психлог од психолозите“ или „јас сум си психолог на сам себе“ (а во меѓувреме упорно ги прави истите грешки во животот стравувајки да се соочи со сопствените проблеми) итн. Многу лесно се одлучуваме да одиме на лекар кога не’ боли заб на пример, но што правиме кога станува збор кога е нарушено нашето психичко здравје и благосостојба? Обично не превземаме ништо, како тоа да не е важно...како да ние самите не сме важни...зарем ако не се гледа дека сме психички разнишани не треба да се обратиме за помош???

Еве некои информации за психотерапијата:

Психотерапијата е лечење на психолошките пореметувања без употреба на лекарства, таа е процес, не е брза и едноставна процедура која ветува и гарантира молскавично „излекување“. За да се предизвика позитивна промена во личноста потребен е подолг период да се посетува психотерапевт, процесот на психотерапија е одење по патот на истражувањето на самиот себе, истражување на нашите „длабоки слоеви“. Психотерапевт не посетува само некој кој има тешки психолошки проблеми, често пати сме во недоумици што да одлучиме и сме залутале во многуте избори без да сме во можност да видиме кој е најдобриот избор за нас, сакаме да пронајдеме начини како полесно да се справуваме со сопствените емоции, со реалноста која не опкружува, како д а ги зајакнеме сопствените сили, самодоверба, мотивација итн.

Најважно од се е да имаме храброст да признаеме дека навистина имаме проблеми и дека е време да побараме помош од психотерапевт. Колку и да изгледа едноставно, ова е најтешкиот чекор кој треба да го направи лицето кое сака да си помогне. Не е лесно и едноставно да прифатиме дека самите сме одговорни за тоа каде сме сега во животот, овде поимот одговорност не означува вина туку е превод на англиското responsibility = response – одговор + ability – способност или поконкретно – способност да се одговори на сопствените потреби, желби и барања, впрочем така и настануваат психолошките проблеми – кога ќе изгубиме контакт со сопствените потреби, воопсшто не сме свесни што сакаме и што ни е потребно, не сме ни свесни дека не се прифаќаме самите себе, честоо се обидуваме да бидеме нешто што не сме само за да им се допаднеме на другите, често се отфрламе себе за да сме прифатени од другите, а не сме ни свесни за тоа. Ако на ова додадеме и избегнување за соочување со проблемите, несогледување на реалната ситуација во животот, тука се и психчките тегоби, постепено се развива незадоволство „од непознато потекло“, очај, страв, паничен напад, фобија, анксиозност, несоница, опсесивност, проблеми со исхрана, депресија, очај, ниска самодоверба, агресивност, ниска самопочит итн. Психотерапевтот секоташ е таму само за вас

Психотерапијата има решенија за овие состојби, поседува техники и методи на работа кои психотерапевтот ги користи за да ни помогне самите да видиме што си правиме, како сме дошле до таква животна пложба, да го откриеме целиот наш потенцијал и правилно да го искористиме, нуди значајна помош во себеприфаќање, себеактуализирање, себеосвестување, развивање чувство на сопствена вредност, самопочит, самодоверба. Едноставно придонесува да се чувствуваме добро со сами себе, а кога е така ние го живееме животот „во полна пареа“, не импровизираме, едноставно живееме.

Важно е да се напомене дека психотерапијата не е исто што и психолошко советување, психотерапевтот не е екстра-интелигентна личност па да знае што е најдобро за сите и од ракав да вади совети за оние кои доаѓаат да бараат помош, ние сите знаеме што е најдобро за нас, но едноставно понекогаш не сме способни да го спроведеме тоа, несвесно саботирајќи се сами себе. Психотерапевтот преку посебен вид на едукација која вклучува и работа на себе ги учи техниките и методите кои понатаму ги користи, неговата работа е многу креативна и може да се поистовети со уметност.

Со посетување на психотерапевт сме направиле најдобра инвестиција – во себе, ќе си помогнеме да ги срушиме сите отпори во сопствениот живот, да ги срушиме очекувањата дека некој друг од надвор треба да биде нашата поддршка и да научиме сами на себе да си бидеме поддршка и подкрепа, ќе застанеме на сопствени нозе, ќе научиме нови облици на справување со проблемите и личните исцрпувачки конфликти, нови начини на однесување, ќе стекнеме свесност за себе и она што ни треба. Односот со терапевтот е секогаш пријателски и топол, исполнет со взаемна доверба, тука нема надреден и подреден, се воспоставува една хармонична комуникација која функционира и на свесно но и на несвесно ниво, се користи и фантазијата како алатка, вербалните и невербалните пораки и се’ кон една цел – подобрување на состојбата на оној кој побарал помош, негово издигнување како личност, внатрешно созревање, растење, јакнење на сите потенцијали. Психотерапевтот секогаш е таму само за вас.

Помош од психотерапевт може да побарате секогаш кога имате било какви психички тегоби (стравови, анксиозност, фобии, панични напади, депресија, анорексија, булимија, опсесивност, хипохондрија итн), кога не успевате да се справите со одредени ситуации подолг период, кога имате брачни или љубовни проблеми, ноќни стравови и ноќно мокрење кај децата, проблеми со воспоставување комуникација со другите, проблеми од сексуална природа, ниска самодоверба и самоппочит, срам, агресивност, зависности, кога ви е потребно подигање на мотивацијата, кога сакате да станете подобра (за себе), поавтентична и поисполнета личност.

Време е да се срушат табуата во однос на психичкото здравје и благосостојба, не двоумете се да побарате помош од психотерапевт кога ви е потребна, проблемите не се решаваат сами од себе, не се решаваат ни ако ги игнорирате и „ги ставате под тепих“, не е срамота и воопшто не е важно “што ке речат луѓето“ кога застанувате позади себе и се борите за сопствената благосостојба, за поквалитетен и поисполнет живот.

Најново на форумот

  • No posts to display.