За себе вели дека е прво е мајка па потоа сè друго – едукатор, забавувач, копирајтер, пилатес инструктор, додека телевизиската работа во моментот поради ситуацијата со пандемијата е во мирување. Но целата оваа нова ситуација нејзе не ја спречува на еден поинаков начин да им се посвети на обврските.

- За вистинскиот вежбач нема лоши услови или неповолна ситација. Оној што сака наоѓа начин, а оној што не сака наоѓа изговор. Ситуацијата кога беа затворени сали, теретани и терени нè научи дека можеме да вежбаме кога сакаме и каде сакаме и тоа за бесплатно. Не мора да се придржуваме до термини, избор на сала, справи за вежбање, а не мора да бираме ниту тренер или инструктор. Од друга страна оваа ситуација нè научи дека секогаш сме препуштени сами на себе за мотивација и инспирација. А за вежби, зарем е мал Јутуб изборот?

  • Како успевате да ја задржите позитивната енергија во ова ново за сите време-невреме, кога сме соочени со нова необична реалност ковид-19?

- Колку и да им звучи необично на другите, мојата насмевка е одлука и мојата позитивна енергија е одлука. Тоа не значи дека не сум свесна и не ме загрижува целава ситација. Но дали ако секој ден се плашам, гледам статистика, читам и собирам информации за пандемијава помагам? Не ме прави одговорен граѓанин живеењето во страв или повторувањето колку е опасна пандемијата. Сметам дека сега е време секој поединечно во рамките на своето умеење да помогне. Јас тоа го правам со позитивна мисла, со поинакви теми, со разговори за книги за вежбање за убави работи. Некој тоа го прави со споделување на убави рецепт, некој со смешно видео од сопственото дете, некоја мајка разговара на темата за стрии. Значи светот не е запрен и понатаму се случуваат истите работи и понатаму се раѓаат деца, се менуваат пелени и понатаму сме родител. Лично сметам дека сега е вистинско време за други теми, за личен развој, за паметни мисли и позитивна енергија. Тоа е единствен начин за излез од црнилото! Какви ти се мислите таков ти е животот.

  • Како сопруга, мајка на две момчиња, колку време можете да им посветите на најблиските?

- Отсекогаш имав желба да имам машки деца затоа што сметам дека некако сè им е полесно на машките во овој свет, па можеби себично размислував дека не сакам женско дете за да не го гледам како ми се мачи. Знаете како кога растат девојчињата се соочуваат со многу повеќе промени, предрасуди и сл: „Дебела си за балет, не е за тебе карате.“ Па заљубувања, драматични раскинувања, дискриминација на работа, сексистички изјави, породување, постпородилни депресии. И лично сметам дека никогаш не можеме да зборуваме за машко- женска рамноправност. Можеби рамноправноста би можела да се достигне на социјално, но никогаш на емоциоионално ниво. А на машките им е некако полесно: тренерки, патки, топка и „Кај си бе брат!“.
Има многу предизвици воспитувањето и на машките деца како на пример да се научат да бидат уредни, да нема тепачки, стравот од алкохол и консумација на недозволени супстанци. Одговорноста која ја имаат да го чуваат и да го обезбедат семејството, да бидат трпеливи и мудри, да носат одлуки и сл. Поинакво е воспитувањето на машко и женско дете во тоа сум сигурна. А време за моите деца имам секогаш доволно и секогаш активно го поминуваме.

  • Значи вашиот свет во изолација е многу шарен?

- Да, полн е со книги и мудрости, со мирис на цимет и јаболко од питата која се пече во рерна. Бучен од довикувањата на синовите со другарчињата на онлајн наставата, поврзан со куцкањето на тастатурата на компјутерот на мама и звуците на аудио книгите од слушалките. Полн со гушкање, со негодување кој треба да ги однесе садовите за миење, со патување во мислите, со гледање филмови, со татковски совети и мајчински грижи. Свет сличен на сите други, но субјективно најубав.

  • Освен „Блескајте“ вашиот слоган што би им препорачале на нашите читатели?

- Обидете се секој ден да направите нешто кое некој друг ќе го прифати како добар пример.

Најново на форумот

  • No posts to display.