Книгата „Приказната за Зоки Поки“ од писателката Оливера Николова, со децении е задолжителна лектира за учениците во основно образование. Палавштините на главниот лик Зоки, неговата најдобра другарка Лидија и случките од семејниот живот во неговото семејство се незаборавни, подеднакво како и поуките кои можат да ги извлечат читателите – што е вистинско другарство, колку е важно да бидеш културен, воспитан, да ги почитуваш повозрасните....

И конечно оваа година книгата доживеа своја екранизација, а по емитувањето на првите епизоди од серијата „Зоки Поки“, истата наиде на позитивни критики.  Децата актери ја освоија публиката со својата глума, а нивниот избор беше извршен преку аудиции, на кои за главната улога на Зоки, беше избран Матеј Настевски (11) , за кого ова е прва улога и воопшто искуство со актерството.


- Ме пријавија родителите кога дознавме дека има аудиции за серијата, и веднаш конкурирав со желба да го глумам Зоки. Многу бев среќен што покрај сите деца кои се пријавија, јас бев избран – вели Матеј, кој открива дека иако поради снимањата морал да се откаже од летниот одмор и дружбата со другарите во маало, воопшто не се двоумел.
- Кога ги добив сценаријата, сериозно почнав да се подготвувам, бидејќи сакав да ја оправдам довербата која ми беше дадена. Многу ми беше тешко да заплачам во некоја сцена, ама бев упорен да глумам најдобро што можам.
Во текот на снимањето, Матеј вели дека иако многумина мислат дека е сè е едноставно и лесно, сепак е сложен процес, кој бара од сите да работат тимски и сложно. Тој открива дека искусните актери Сабина Ајрула (баба Оле), Даниела Иваноска (мајката), Сашко Коцев (таткото) постојано им помагале и биле многу професионални.


- Многу бев исполнет и среќен што сум дел од нивниот тим. Не сакам никого да навредам бидејќи ги сакам, но посебно ми беше чувството во близина на мојот идол Сашко (татко). “Мајка ми“ и “баба ми“ да не ми се лутат – вели тој и додава дека благодарение на серијата се родиле и другарства со децата од серијата:
- Ги прославивме заедно родендените на Боки (Матео Матоски), Гоки (Матеј Зимбаков) и Лидија (Анастасија Аневска), а мојот остана да го славиме телефонски поради моменталната состпјба на пандемијата . Се слушаме често, ептен добра четворка сме, секогаш подготвени за шега, смешка, палавштина и се надевам дека ќе продолжиме и понатаму да се дружиме.
Инаку Матеј оваа година го завршува петтото одделение во ОУ „Мирче Ацев“ , многу сака рап и поп музика, во слободно време сака да патува, игра видео игри и да другарува. Пред  да почне да глуми сакал да стане хирург, но искуството со актерството му ја сменило желбата и се надева дека кога ќе порасне ќе биде успешен актер.

Пишува: А.Златкова

Најново на форумот

  • No posts to display.