Во емотивно интервју за ABC News актерката Шенон Доерти откри дека болеста, рак на дојка од која се лекуваше, се вратила и тоа во полоша форма, односно канцерот ѝ се проширил на коските и лимфните јазли.

 

Таа една година го знаела тоа, но ја криела вистината бидејќи не сакала луѓето да ја сожалуваат:
- Кога ќе дознаат дека си болен луѓето те гледаат како “мртовец кој оди“ и не знаат што да ти кажат од страв да не те повредат. Покрај тоа веќе не добиваш понуди за работа, а јас си ја сакам  работата. Тоа е една од причините поради кои со радост се будам наутро.

Шенон се прослави со улогата на Бренда Волш во “Беверли Хилс 90210“, култната тинејџерска серија од 90те. Во 2015 година ѝ беше дијагностициран рак на дојка, а тоа не го криеше, односно целиот процес низ кој минуваше го споделуваше со обожавателите преку својот инстаграм профил, и даваше интервјуа каде отворено зборуваше за личната битка со болеста.

Во 2017 година таа објави дека болеста е во ремисија и повторно му се врати на актерството.

Минатата година, само неколку месеци по смртта на нејзиниот колега и телевизиска љубов Лук Пери, кој во „Беверли Хилс 90210“ го глумеше Дилан, Шенон ѝ се врати на улогата на Бренда во продолжението на серијата. Иако тогаш  ја дознала страшната вистина, таа не ја откривала пред другите:
- Си мислев дека откако ќе завршиме со работа, и се дознае вистината луѓето ќе сфатат дека јас, а и други луѓе кои се болни од рак во четврта фаза способни се да работат – вели таа и признава дека  не било лесно да се работи во таква ситуација, а најголема помош и поддршка добила од колегата Брајан Остин Грин:
- Кога ќе паднев во очај, ќе ме совладаше анксиозноста и стравот тој ме тешеше и ми велеше дека сè ќе биде во ред.
Пред да ја дознае дијагнозата, Шенон почнала да чувствува некои симптоми и му се јавила на својот лекар онколог. Таа вели дека овој пат битката е потешка, бидејќи ракот е проширен на коските, што ги прави кршливи. Но таа не се откажува и вели дека повторно ќе се бори со сите сили, а нејзина најголема поддршка се мајка ѝ и сопругот.

Најново на форумот

  • No posts to display.