Пред  една недела на Македонската радио телевизија започна да се емитува реобновената детска серија „Дајте музика“ со која пред 30 години на малите екрани се дружеа многу генерации деца. Овој пат како автори се потпишуваат Лазар и Цаци Паковски, додека улогите на детските ликови им беа доверени на деца од драмското студио на актерката Весна Петрушевска. 

Децата напорно снимаа еден месец и како вистински професионалци ги завршија обврските. Во ова интервју имаме можност да ви ги претставиме двајца од нив Тео Манев (10) и Саша Димитриевска (7). 

По четири години посетување на драмското студио ова за обајцата беше прв сериозен проект и голем предизвик да се работи на него.
- Предизвикот беше голем бидејќи прво моравме да покажеме што сме научиле во изминатите години во драмското студио, и секој ден да доаѓаме подготвени, да го учиме текстот и сè што треба за снимањето. А второ ги наследивме улогите од  “старите“  ликови кои глумеа во првата „Дајте музика“ – едногласни се Тео и Саша.
Со серијата, освен што целта е да се вратат на телевизија детските емисии кои изминативе години ги имаше многу малку, е и да се покаже еден поинаков начин на дружба, кој со оглед на новите времиња е речиси заборавен - детските игри и дружби на улица, први симпатии, убавата музика.... да го заменат постојаното седење дома пред електронски уреди.
- Имав шанса да се запознаам со игрите кои ги играле моите родители и да се дружам со актерите кои глумеа во првата серија „Дајте музика“, како и со други познати македонски личности од светот на музиката, спорот, глумата – вели Тео, а Саша се надоврзува дека секој од нив бил интересен на свој посебен начин.
Имено во емисијата продефилираа Игор Џамбазов, Перо Антиќ, Гокица Лукаревски, Тамара Тодевска, Столе Стоилов, Бени Шаќири, Тамара Тодевска, Игор Џамбазов, Перо Антиќ, Каролина Гочева и многу други. Секој со својот талент ја направи емисијата поинтерсна и позабавна, а за младите актери незаборавно искуство.


Се разбира во текот на снимањето не изостанале интерсните случки и гафови , од кои нашите соговорници ни откриваат само дел – како оној кога еден од главните детски ликови наместо да каже „полека Рамбо“  вели „полека Ромео“, а за да ги дознаете другите, Саша додава:
- Секојдневно имаше повеќе интересни случки, некои дури ќе ги има на крајот од епизодите. Затоа редовно следете ја „Дајте музика“.
По завршување на снимањето кое траеше повеќе од еден месец и мораа да го завршат пред почетокот на школската година, Тео и Саша се вратија на школските обврски. Тео во училиштето „Јахја Кемал“ каде е шесто одделенец и ја обожава историјата, а Саша во ОУ „Гоце Делчев“ ,каде учи трето одделение и омилен предмет и è математика. Во слободно време Тео сака да спортува кошарка, фудбал или да игра игри на плејстејшн, додека Саша ако не свири пијано, се дружи со другарките и оди на прошетки во природа.
(A.З.)