Уште со првата нумера „Не сум твој тип“ покажаа дека имаат свој препознатлив стил и имаат намера долго време да ги слушаме, а со втората „Тело за на ТВ“ го потврдија тоа.

Нивните песни имаат посебен стил и се лесно препознатливи, а Дупер , триото зад кое стојат Мартина Баракоска (20), Борис Какуринов (20) и Илчо Нечовски (20) подеднакво ги сакаат и помладите и повозрасните.
- Дупер неофицијално постои од јануари, 2017 година, а официјално од 20 јуни, 2018 година. Може да се каже дека меѓусебно сите се „препознававме“, но заедно нè спои Борис на една проба. Сите влечеме на своја страна од музиката, а сето тоа го канализираме низ нашите песни – ни откриваат и велат дека засега се задоволни од реакциите од публиката, кои им се поттик плус да продолжат .
Освен Мартина која е студентка на музичка академија, Илчо е иден психолог, а Борис студира Економски факултет. Но љубовта кон музиката е она кое ги спојува. Мартина свири на тапани и перкусии, Борис на гитара и клавијатури, а Илчо освен што е главен вокал свири на бас гитара. Идеите за нови песни и спотови најчесто им доаѓаат спонтано, сред проба или се случува некој да „донесе“ инспирација од дома, без разлика дали се работи за текст или музика. Инспирација црпат и од омилените музичари:
- Слушаме најразлични жанрови, но еве во последно време некако најмногу поп, рап и рок. Не може да кажеме дека имаме идол, ама инспирација наоѓаме во песните од омилените музичари. Борис ги сака Pharrell и Kanye во последно време, Мартина најчесто на Spotify ги врти Jorja Smith и Steve Lacy и Brockhampton, а Илчо од се‘ по нешто.
Освен за музика, тие имаат време и за своите хобија, дизајн, цртање, фотографирање, фудбал, баскет, возење точак, гледање филмови, дружење, театар, посетување концерти... и се разбира останува време за пиење кафе со пријателите.
И за крај идни планови:
- Планот во иднина е да се направат нови песни, да се вежба и да се свират концерти! Во план е и нашиот прв албум кој треба да излезе следнава година.

Најново на форумот

  • No posts to display.