Колку навистина знаете за зачнувањето и забременувањето? Ако како многу брачни двојки сте на почетокот на реализирање на вашата желба да станете родители, кога станува збор за плодноста можно е да не знаете многу работи. Според едно истражување само една од 12.000 испитани жени знаела точно да одговори на 15 прашања поврзани со репродуктивниот циклус.
Еве кои факти поврзани со плодноста треба да ги знае секоја брачна двојка.

1. Доброто здравје не е знак дека вие (или вашиот партнер) сте плодни
Редовно вежбате, здраво се храните, немате висок холестерол или крвен притисок- тоа е супер, но не е потврда дека немате проблеми со плодноста. Една од 10 здрави двојки во најдобриот репродуктивен период се соочува со проблеми со плодноста. Причините се различни и подеднакво ги погодуваат мажите и жените, но најчест проблем е возраста. Кај здрави жени врвот на плодноста е во средните 20ти, а почнува да се намалува по 27та година,  а до 37та веќе е значително намалена. Затоа ако сте во средни 30ти или повозрасни и сакате да забремените, треба да сте конкретни во врска со некои прашања, како на пример кога точно овулирате и кога треба да имате односи. Во овие години, не ги слушајте советите од типот „има време почекај“, туку ако по шест месеци незаштитени односи не забремените, веднаш посоветувајте се со специјалист за плодност. Жените на возраст од 37-40 години не треба да чекаат подолго од три месеци.

2. Тежината влијае на вашите шанси за забременување
Изненадување! Дванаесет проценти од неплодните случаи се поврзани со проблеми со тежина. Ако вашето тело е хронично неухрането или истоштено од вежби, не можете да имате редовен циклус, бидејќи 22 % од телесните масти се неопходни за нормална овулација и репродуктивна успешност. Од друга страна, зголемената телесна тежина може да влијае на хормоналниот баланс и со тоа да ја намали плодноста. Добра вест е дека со контролирна исхрана и регулирање на тежината, дури 70% од жените успеваат спонтано да забременат. Докторите сметаат дека телесниот индекс на маса (BMI) помеѓу 19 и 25 е идеален (тој се добива кога тежината ќе ја поделите со висината, потоа добиената сума ќе ја поделите пак со висината и ќе помножите со 10000. На пример 92кг/170см = 0,541/170см = 0,00318х10,000 = BMI31).
Тежината не само што потенцијално влијае на плодноста, туку и на бременоста. Според истражувачите, подебелите жени кога ќе забременат имаат поголем ризик од појава на проблеми со зголемен притисок и дијабетес. Додека жените со недоволна тежина често раѓаат бебиња со ниска родилна тежина. Ако имате сериозни проблеми со тежината, а сакате да забремените, сега е време да почнете со соодветен режим за намалување/зголемување на истата.

3. Секс позите не влијаат на вашите шанси за зачнување
Ниедна студија нема потврдено дека одредени пози при сексуални односи се поефективни од други, кога станува збор за забременување. Всушност спермата може да се најде во цервикалниот канал неколку секунди по ејакулацијата, без разлика на позата. Оптималната сексуална поза во која ќе се постигне што подлабока пенетрација и испуштање на спермата што поблизу до цервиксот, е различна кај секоја жена бидејќи секое тело е различно.
А бидејќи спермата почнува да плива веднаш по ејакулацијата, не е неопходно жената да стане гимнастичарка или јога мајстор за да направи бебе. Можеби има мала предност во тоа да се остане во кревет по сексуалниот однос, што ќе овозможи спермата да остане во телото, но нема никаква потреба да ги кревате нозете преку глава или пак да правите „стој на раце“.

4. И мажите имаат биолошки часовник
Верувањето дека годините имаат врска со плодноста само кај жените, е урнато од една британска студија, во која биле испитани 8500 брачни двојки. При тоа било откриено дека ако само 8 % од мажите помлади од 25 години не успеваат да ги забременат партнерките по една година обидување, тој број расте до 15% кај мажите постари од 35 години. Покрај други фактори, како намалувањето на бројот на сексуални односи со тек на годините, студијата открива дека возраста на таткото е уште еден важен фактор кој влијае на плодноста.

5. Овулацијата не е секогаш најдобриот ден да забремените
Спермата може да живее во женскиот репродуктивен тракт до три дена по сексусален однос, па секојдневните односи, дури и на денот на овулација, не се од пресудно значење. Важно е да знаете кога сте плодни. Според истражувањата, над 20 %од двојките одат на третмани за забременување, а ги немаат точно тајмирано сексуалните односи. 
Жената е плодна во период од шест дена – пет дена кои се пред овулација (ослободување на јајцето од јајникот) и на денот од овулацијата. Според најновите истражувања жената е најплодна на крајот од денот на овулација. Па затоа ако мерите базална температура и чекате да го постигне врвот, за да имате односи, тоа е предоцна. Најдобри шанси за забременување имате ако имате сексуални односи два дена пред овулацијата.

6. Изборот на машка долна облека не е важен
Ако пред неколку години се тврдеше дека мажите не треба да носат тесна долна облека, затоа што ги држи тестисите блиску до телото и со тоа ја зголемува температурата во нив, а тоа негативно влијае на спермата, денес се тврди спротивното. Да, зголемената температура не е поволна за спермата, но носењето ваков долен веш нема толку голема моќ да го предизвика тоа. 

7. Изборот на контрацепција влијае на плодноста
Иако звучи како лоша шега, сепак е вистина дека плодноста на жените е под големо влијание од изборот на начин на контрацепција. Жените кои користат прогестеронски инекции можат да чекаат шест до девет месеци , дури и година, за да забременат. Дури некогаш од користењето на такви контрацепции може и да треба долго време да се воспостави нормален менструален циклус како и овулација. 
Но, тоа не е случај со користење контрацептивни пилули. Дури и е можно веднаш по прекинување на нивна употреба овулацијата веднаш да настане и да дојде до супер плоден период. Сепак лекарите препорачуваат да се почека два до три месеци по престанок на користење контрацептивни пилули пред да се почне со обиди за забременување. На тој начин можете полесно да одредите должина, траење на циклус, термин на овулација. 
Оралните контрацептиви исто така помагаат во заштита на плодноста- кај овие жени намален е ризикот од појава на ризични болести кои штетат на бременоста, како ендометриоза или ектопична бременост. 

8. Специфичните видови храна или диети немаат влијание на плодноста
Нема ниедна магична диета која ќе ги зголеми шансите за забременување, па најдобро е да јадете нутрициски богата и изблансирана храна, богата со растителни влакна и да ја намалите конзумацијата на процесирана храна. Исто така важно е двајцата да земате многу фолна киселина, која помага во бројноста на спермата и спречува појава на малформации кај плодот. 
И додека многумина чуле дека кофеинот е штетен за забременување, не се откажувајте од омилениот пијалак. Сè уште нема конкретна студија со која е докажано тоа тврдење. 
Иако некои истражувања покажуват дека цинкот може да ја подобри бројноста на спермата, не претерувајте со ниту еден нутриент. Најважен е балансот.

Најново на форумот

  • No posts to display.