Способноста на мажот да произведе здрави и функционални семени клетки може да зависи и од тоа колку е во состојба да се избори со стресот.

Италијанскиот тим кој го водела д-р Елиза Велани, од една италијанска клиника за плодност, утврдил дека во ејакулатот од маж кај кој има ресгистрирано повисоко ниво на краткорочен и долгорочен стрес или зголемена анксиозност се регистрира пониска концентрација и помал вкупен број сперматозоиди. Тие со највисоко ниво на анксиозност исто така се под поголем ризик од деформирани или помалку подвижни семени клетки.

- Нашите наоди јасно укажуваат дека стресот и анксиозноста можат да претставуваат значаен фактор за машката плодност- истакнува таа.

Со студијата биле опфатени 94 мажи кои прв пат побарале помош на клиниката за плодност и 85 мжи кои не барале терапија за подобрување на плодноста. Сите овие мажи дале примерок од семената течност на анализа и потполниле два прашалника, со кои се мерат моменталната и долгорочната анксиозност и стрес на скала од 20 до 80 поени.

Во просек мажите од двете групи на тие тестови имале резултат 27 до 40 поени што не се смета за патолошка состојба. Меѓутоа во споредба со 28 испитаници со најниско и 40 испитаници со највисоко ниво на стрес и анксиозност, се испоставило дека овие од втората група се под значајно поголем ризик од намалена концентрација и намален вкупен број семени клетки, како и од помала подвижност на сперматозоидите. Кај нив е регистриран и нешто поголем ризик од оштетување на ДНК.

Коментирајќи ги резултатите од италијанската студија, Тина Џенсен, стручњак од Кралската болница во Копенхаген, истакнува дека е тешко да се каже како овие резултати би можеле да се применат на општата популација, со оглед на тоа дека преку половина од следените мажи се пријавиле за третман за плодност.

- Дали сте под стрес затоа што сте неплодни или самиот стрес предизвикува неплодност? – се прашува таа и додава дека третманот за плодност самиот по себе е многу стресен.