Повеќето жени кои веруваат дека се подготвени да станат мајки, раѓањето на детето го сметаат за дар од Бога. Но една блогерка постави голем прашалник за таа теза. Тој се состои од 14 чекори кои треба да ги поминете пред да родите.

Овој урнебесен тест на својот блог “Mamami by Chat”, го постави Четна Пател, успешна вработена жена, сопруга и мајка на две деца, откако и‘ го пратила една пријателка. „Родителството има свои подеми и падови. Својата титула на мајка не би ја менувала за ништо на светот, но кога го најдов овој текст во својот инбокс, слатко се изнасмеав, бидејќи е вистинит“ – вели Четна.

 

Еве го:

1. Подготовки

- За идните мајки – облечете фустан и под него на предната страна ставете мало перниче. Оставете го тука 9 месеци, а по истекот на тој период, заменете го со малку помало.

- За идните татковци – одете во локалната аптека, истурете ја содржината од паричникот на каса и замолете ја аптекарката сама да ги преброи парите. Одете до супермаркет, договорете се целата плата да ви оди директно кај нив на сметка. Вратете се дома, земете ги весниците и прочитајте ги за последен пат.

 

2. Советување

Изберете неколку свои пријатели кои се родители и прашајте ги за дисциплинските методи кои ги применуваат, за недостигот на трпение, ниското ниво на толеранција, како и за тоа како им дозволиле на децата да дивеат по куќата. Предложете им начини на кои можат да ги сменат навиките кај своите деца, од спиењето, преку користењето на нокширче или тоалет, до однесувањето на трпезата. Уживајте некое време во тоа – тоа ќе биде пследен пат во животот да имате одговор на сите свои прашања.

 

3. Непроспиени ноќи

Шетајте по дневната соба од 17 до 22 часот, носејќи водена торба со тежина од 4 – 6 кг, со транзисторот подесен на некој неподнослив, статичен звук, кој е засилен до максимум. Во 22 часот, спуштете ја торбата и навијте го алармот на полноќ. Станете и носете ја торбата низ дневната соба до еден часот по полноќ. Подесете го алармот на 3 часот наутро. Бидејќи нема да можете да заспиете, станете и во 2 подгответе си чај. Вратете се во кревет 45 минути подоцна. Разбудете се во 3 кога алармот ќе се вклучи. Пејте песни во темница до 4. Навијте го часовникот за 5, станете кога ќе почне да ѕвони. Подгответе си појадок.

* Повторувајте го ова следние пет години. Не заборавајте да изгледате весело!

 

4. Облекување мали деца

Купете жив октопод и плетена торба. Обидете се да го сместите внатре, така да нема пипала кои излегуваат надвор.

* Времето за кое треба да го постигнете ова е 5 минути.

 

5. Автомобил

Заборавете на БМВ. Купете комбе со пет врати. Купете еден сладолед од чоколадо и ставете го во касетата. Оставете го таму. Земете паричка и ставете ја во цеде плеерот. Отворете кутија чоколадни бисквити, размачкајте ги по задното седиште. Поминете со градинарско гребло по целата должина на колата од двете страни.

 

6. На прошетка

Чекајте. Излезете пред влезната врата. Вратете се внатре. Излезете. Повторно вратете се дома. Повторно излезете надвор. Прошетајте по патеката во дворот. Сега истото тоа ама наназад. Повторно прошетајте се, но успорено. Застанете, истражувајте и поставете најмалку шест прашања за секоја фрлена гума за цвакање, искористено шамивче, мртов инсект кои ќе ги најдете по пат. Врискајте најсилно што можете, додека излезат сите соседи од куќите и почнат да гледаат во вас, прашувајќи се што не е во ред. Откажете се и вратете се дома.

* Сега сте подготвени да пробате да го изнесете своето мало дете во прошетка.

 

7. Разговори со детето

Повторете се‘ што ќе кажете барем пет пати.

 

8. Пазарење

Отидете во локалниот супермаркет и со себе земете дете кое е на претшколска возраст. Работа ќе ви заврши и некоја голема коза. Ако планирате повеќе од едно дете, поведете повеќе од една коза. Купете се‘ што ви е потребно, без да ја испуштате козата(козите) од вид. Платете се‘ што козата изела или уништила.

*Додека не успеете ова да го направите успешно, не помислувајте да правите деца.

 

9. Како да нахраните едногодишно дете

Издлабете една диња. Направете мала дупка на кората. Земете една чинија омекнат корнфлекс и обидете се да го пикнете во дињата, додека се преправате дека сте авион. Продолжете додека ја испразните чинијата.

 

10. Телевизија

Научете ги имињата на сите ликови од Телетабиси и дизниевите цртани филмови. Не гледајте ништо друго на телевизија барем пет години.

 

11. Лом

Размачкајте еурокрем на креветот, а мармалад на завесите. Сокријте ја златната рипка зад музичкиот систем и оставете ја таму цело лето. Пикнете ги прстите во саксија со цвеќе, а потоа исчистете ги на ѕидот. Прекријте ги дамките со боички. Како ви изгледа тоа сега? Испразнете ги сите ормани, фиоки и куптии од дома, на под и продолжете по ова упатство: преместувајте ги случајно избраните предмети од една во друга соба и оставете ги таму.

 

12. Патување со децата

Снимете детски глас кој постојано повторува „мамо“. Напомена: измеѓу секој збор не смее да има поголема пауза од три секунди. Вклучете повремно крешендо во ранг на млазен авион. Пуштајте го ова цеде каде и да одите со автомобилот, наредните четири години.

* Подготвени сте за одење на море со своите деца.

 

13. Разговори

Обратете и‘ се на возрасна личност по ваш избор. Најдете некој кој за тоа време постојано ќе ве влече за ракав, додека се слушаат звуците од цедето снимени претходно.

* По ова можете да водите конверзација со своите врсници додека вашето дете е во својата просторија.

 

13. Подготвување за на работа

Изберете ден кога имате некој не толку важен состанок. Облечете го својот најубав фустан. Земете филџан крем во кој претходно сте ставиле сок од лимон. Измешајте го тоа. Истурете пола од содржината на фустанот. Натопете пешкир со другата половина од содржината во филџанот. Пробајте да ја исчистите дамката на фустанот со тој пешкир. Не се пресоблекувајте (немате време). Одете право на работа.

*Конечно сте подготвени за едно слатко бебе. Уживајте!

Најново на форумот

  • No posts to display.