Гениталниот хуманпапилома вирус (HPV) , e најчестата сексуално трансмисива инфекција. Постојат повеќе HPV типови кои можат да ги инфицираат гениталните регии кај мажите и жените. Исто можат да бидат инфицирани и устата и грлото. Најголем број од луѓето, не знаат дека го имаат вирусот. HPV не е исто што и Herpes или HIV (вирусот кој предизвикува сида), но сите се пренесуваат по сексуален пат, а предизвикуваат различни симптоми и даваат различни последици по здравјето.

Кои се знаците, симптомите и потенцијалните здравствени проблеми од HPV?

Најголем број од луѓето кои се заразени од HPV, нe развиваат симптоми ниту имаат здраствени проблеми од неговото присуство во организмот. Во 90% на случаи, човечкиот имун систем го чисти вирусот природно во тек на две години.

~Но понекогаш, одредени типови на вирусот, може да предизвикаат генитални брадавички (кондиломи) кај мажите и жените. Поретко, овие типови може истото да го направат и во грлото-состоjба наречена RRP (recurrent respiratory papillomatosis).

~Други типови на вирусот можат да предизвикаат цервикален карцином. Истите типови можат да предизвикаат и други поретки но не помалку сериозни видови на карциноми со следните локации : vulva, vagina, penis, anus, како и глава и врат (јазик, крајници и и грло).

Типот на вирусот кој предизвикува генитални брадавички не е ист со оној кој предизвикува цервикален карцином. Вирусот може да спаѓа во група на ниско или високоризичен што може да се одреди со помош на негова типизација. Типот на вирусот кој ќе го одреди типизацијата значајно влијае на понатамошниот третман.

 

Знаци и симптоми од HPV инфекција!

Гениталните брадавички се појавуваат како промени на кожата во пределот на гениталната регија. Можат да бидат мали или поголеми, испакнати или на ниво на кожата. Дијагнозата се поставува со голо око. Можат да се појават после неколку недели или месеци од сексуалниот контакт со партнер инфициран од вирусот, дури и кога тој нема никакви симптоми или видливи знаци за присутна инфекција. Во случај да не се третираат, гениталните брадавички можат сами од себе да исчезнат, да останат во непроменета форма од моментот на нивното појавување, но и да се зголемуваат и размножуваат. Но најважно е да се нагласи дека нема да прогредираат во карцином. Цервикалниот карцином обично не дава симптоми до моментот кога е напреднат. Од таа причина многу е важно секоја жена да прави редовни скрининг контроли (ПАП тест) за навремена детекција. Скрининг тестовите можат да ги откријат и најраните знаци на болеста што дава можност за навремен третман и со тоа не се дозволува понатамошна прогресија на состојбата до фаза на цервикален карцином.

Други HPV асоцирани карциноми може да не даваат симптоми додека не се во напредната фаза, а со тоа и тешки за лекување. Тука спаѓаат карцином на vulva, vagina, penis, anus како и глава и врат.

 

Како се добива HPV ?

HPV се пренесува преку сексуален контакт, вагинален, анален или орален. Нaјголем број на инфицираните особи не знаат дека се заразени со HPV и дека со сексуален контакт го пренесуваат вирусот на својот партнер. Секој може да биде инфициран со повеќе од еден тип на вирус. Многу ретко бремена жена со генитален HPV може да го пренесе вирусот на своето бебе во текот на породувањето и со тоа да го зарази.

 

Како HPV предизвикува генитални брадавички или карцином ?

HPV може нормалните клетки инфицирани од вирусот да ги претвори во абнормални. Најчесто не можат да се видат ниту осетат овие клеточни промени. Во најголем број на случаи организмот се бори природно со вирусот и инфицираните клетки се враќаат во нормална состојба. Но во случаи кога тоа не се случува, HPV може да да предизвика промени во форма на генитални брадавички или карцином. Првите може да се појават во период на неколку недели или месеци, а карциномот после неколку години од HPV инфекцијата, што е повторно индивидуално за секоја жена и предодреденоо од типот на вирусот.

 

Како може да се превенира HPV инфекција?

Постојат повеќе начини за смалување на ризикот од добивање на HPV

~Вакцина - може да ја заштити машката и женската популација од некои најчести типови на HPV. Вакцината се дава во три дози. Најсигурна заштита се постигнува ако се примат сите три дози. Вакцината е најефективна ако се прими пред првиот сексуален контакт, односно пред можноста на изложеност на контакт со вирусот.

~Кондоми - нивното користење го намалува ризикот од инфекција со вирусот. Истите треба да се користат при секој сексуален контакт. Сепак вирусот може да биде пренесен од деловите на кожата која не е покриена со кондомот.

~Сексуален партнер - ризикот е мал кај особи кои имаат сексуален контакт со еден партнер (што секако се однесува на двајцата партнери).

 

Дали постои третман за HPV?

Не постои третман за самиот вирус, но постои за заболувањата кои ги предизвикува.

~Генитални брадавички - можат да бидат отстранети во амбулантски услови по хемиски пат, со горење или во многу ретки сличаи по хируршки пат.

~Цервикален карцином - најефективно лечење е кога истиот е дијагностициран во што поран стадиум. Жени кои одат редовно на цитолошки контроли (ПАП тест) имаат најмали шанси да заболат од цервикален карцином во напредната фаза. Истото важи за секој вид на карцином на било која локализација, предизвикан од HPV.

Најново на форумот

  • No posts to display.