Дизаjнерот и моден новинар Небојша Толески по подолга пауза се враќа на модната сцена со луксузна колекција во која централно место зазема рачниот вез

Со колекцијата „Зрно“ инспирирана од мало зрно кристал, кое дизајнерот го пронашол на патување во Италија, деновиве го отвори своето ателје „Толески“.
- Воопшто не чекав долго за отварање на ателјето. Се случи кога требаше да се случи. После затворањето на списанието „Теа Модерна“ каде работев како моден новинар 12 години, разумно беше да отворам нешто свое. Додека бев во„Теа“ паралелно работев и на создавање креации, но сега просторот за изразување е многу поголем – вели Небојша.

Прозрачноста и уникатноста во прекршувањето и рефлекирањето на светлината карактеристични за кристалот се главната инспирација креаторот да создаде низа од кристали и да ги вметне во уникатни рачни везови, создавајќи автентични модни парчиња. Памукот, свилата, свилениот сатен и жоржетот се материјалите од кои се создадени креациите со смирени кроеви, строги линии и комфорност. Нивната вешта усогласеност дозволува тие да се носат на свечен настан но и за во град. Спојот на урбаното и етното е постигнат со суптилни пругасти дезени во одредени делови, надополнети со безброј кристали во различни форми. Колекцијата „Зрно“ е екстравагантна и на моменти смирена, но многу разиграна, славејќи го питомиот гламур.

- Оваа колекција е наменета за дами со екстравагантен поглед и визија за убавото. Годините не се битни. Впрочем и мотото на ателје „Толески„ е токму тоа - парче нова модна визија. Но мојата визија немаше да биде потполна ако фотографот Дарио Јанковиќ не ја доловеше суштината, заедно со манекенките Ирена Трпеска и Љубица Радовиќ, мејк ап артистката Марија Топалова и „Шевро“ - вели Небојша и додава дека во ателјето ќе изработува претежно уникатна облека, но и облека со посуптилен и поедноставен израз.
Во скора иднина најавува многу модни проекти, меѓу кои соработка со брендот „Фешн Леон“, со кој заедно ќе креираат облека и наскоро ќе ја лансираат заедничката колекција.

Најново на форумот

  • No posts to display.