Искусните шопинголичари знаат дека костимите за капење се купуваат во септември, маиците со куси ракави во октомври, а волнените џемпери во април. Можеби тогаш изборот нема да биде добар, но затоа ќе ве израдуваат спектакуларните цени. Дознајте ги тајните за успешно пазарување во тек на сезонските попусти.

 

 

Купувајте на крајот од сезоната

Распродажбите ве чекаат на крајот од секоја сезона, па затоа најдобро е тогаш со најголем попуст да го купите она кое долго време го посакувате. Костимите за капење се купуваат кон крајот на август и во септември, а топлата облека веднаш по зимските празници. Ќе заштедите барем 50% ако се држите до овој совет.

 

Спријателете се со продавачката

Задолжително станете пријатели со продавачката во омилениот бутик. Не само што први ќе знаете кога почнува распродажбата, туку можеби и ќе сака да ви сочува некое парче облека за ден-два, за да ја искориститите распродажбата кога ќе почне.

 

Инвестирајте во класика

Тренди облеката секогаш е примамлива, особено на распродажба, но запомнете дека нејзината актуелност е со краток век. Ако сакате облека која долго ќе ја носите, тогаш погледнете ја онаа во класичен стил и квалитетна изработка. Крајот на сезоната е времето кога се купува токму таква гардероба.

 

Не купувајте само поради името на креаторот

Рачно изработеното здолниште од свила и сваровски кристали, со етикета од познат дизајнер, на попуст од 70% звучи импресивно. Но дали навистина ви треба? Ако во орманот немате нешто со кое можете да го носите или едноставно немате многу пригоди кога би го носеле тоа здолниште, тогаш тоа е едноставно фрлање пари.

 

Не наседнувајте на примамливите слогани

Трговците често ги мамат потрошувачите со написи како „купи еден производ, вториот земи го за пола цена“. Тоа на прв поглед звучи како добра спогодба, но искусните купувачи знаат дека така нема многу да заштедат. Ако платите нешто 500 денари, за другото ќе платите 250 денари, значи вкупно ќе дадете 750 денари, а тоа значи дека сте заштедиле само 25 проценти.

Најново на форумот

  • No posts to display.