Славните убавици од златната холивудска ера, за својата карактеристична убавина им биле благодарни на малите тајни кои грижливо ги чувале само за себе и ги применувале секојдневно.

Со мали трикови можете и вие да го постигнете нивниот изглед.

Мерилин Монро

Најпознатата русокоса на сите времиња, Мерилин Монро, за да ја истакне уште повеќе својата убавина и да го задржи младешкиот сјај, користела неконвенционални козметички третмани. Омилена и` била хормонска крема која ја мешала со пудра за да и`биде кожата уште посјајна. Несаканиот контра ефект од оваа крема, бил засилено растење на сите свиленкасти светлоруси влакненца, кои требала да ги отстранува.

Изгледајте како неа – измешајте крема со светкави честички и течна пудра.

Одри Хепберн

Славната актерка прва го прослави куклестиот изглед благодарение на својот заводнички поглед, кој дополнително го нагласувала со течен туш за очи и неколку слоја маскара. За природен, а сепак изразен изглед на трепките, било заслужно макотрпното прецизно разделување на трепките со тенка игличка, по секој нанесен слој маскара.

Изгледајте како неа – нема потреба да поминете часови пред огледалото, внимателно разделувајќи ги влакненцата и ризикувајќи да се боцнете во око. Набавете некоја маскара од новите, која освен што ги витка и издолжува, истовремено и ги разделува трепките.

Марлен Дитрих

Славната германска актерка грижливо ги негувала своите препознатливи, совршено обликувани, неколку милиметри тенки веѓи. За совршен изглед ги бричела, а потоа ги цртала со моливче. Никогаш не нанесувала маскара на долните трепки, бидејќи верувала дека нивната сенка прави да изгледа изморено.

Изгледајте како неа – обликувањето на веѓите е одличен начин да го изразите природниот облик на лицето. Наместо да ги избричите, подобро нагласете ги со моливче за веѓи, а претходно обликуваје ги со пинцета.

Вивиен Ли

Тајната на нејзиниот совршен тен била легендарната козметичарка Мадам Лубати, која своерачно мешала разни мирисни лосиони и ароматични масла, кои ги користеле сите славни и богати дами.

Изгледајте како неа – дозволете си за својата кожа ароматретман. Со врела вода натопете чисто крпче од фланел на кој потоа ќе ставите две капки масло од лаванда и ставете го на лицето да се пари. Измијте го лицето со ладна вода, избришете го и лесно втријте неколку капки масло.

Грета Гарбо

Нејзиниот легендарен мејкап бил мало уметничко дело, а најголемо внимание им посветувала на очите. На капаците нанесувала тенок слој вазелин и го прекривала со пудра во неутрална боја, додека на внатрешниот дел каде се свиткува капакот ставала темна сенка, за да добие театрален, длабоко изразен поглед. Горниот капак го исцртувала со туш за очи изработен од мешавина од петролеј и јаглен.

Изгледајте како неа – за да избегнете да ви се размачка тушот за очи, користете само квалитетен туш за очи.

Кетрин Хепберн

За да го одржи лицето во одлична кондиција, редовно користела пилинг. Во кожата втривала мешавина од шеќер, топла вода и лимунов сок, а потоа го миела со многу студена вода.

Изгледајте како неа – ако немате време да правие пилинг дома, набавете некој готов. Предност дајте и` на природната козметика.

Грејс Кели

За свежината на нејзиното лице, бил заслужен мал мејкап трик. Користела две нијанси руменило за да создаде илузија на високи јаболчници. Прво ги нагласувала со светла нијанса, а под јаболчната коска на образите ставала потемна нијанса руменило.

Софија Лорен

Италијанската дива користи маслиново масло за својата убавина. Тоа е задолжително во нејзините оброци, но и на кожата. Секојдневно втрива малку маслиново масло на кожата од лицето, а го додава и во врелите купки за дополнително омекнување и потхранување на кожата.

Изгледајте како неа – маслиновото масло е одлично природно средство за нега, а добро може да ви послужат и козметичките производи на база од маслиново масло.

Најново на форумот

  • No posts to display.