Врската исполнета со љубов, особено во нејзините почетоци, носи смеа, среќа, долги прошетки, лежење на каучот, страствени бакнежи ... Сепак, постои фактор што гарантира долга и стабилна врска, што најчесто е поважно од самата љубов. Се работи за довербата.

 

Штом почетната вљубеност биде заменета со сомнежи и стравови, работите во врската можат да станат грди. За да се спречи тоа да се случи, од суштинско значење е да се изгради однос полн со доверба. Факт е дека сите ние влегуваме во односи со одреден багаж од минатото, кој сакале или не, станува дел од нашата нова врска. Без разлика дали станува збор за траума од детството или неверство од претходна врска, нашето минато влијае на нашите односи на еден или друг начин. Затоа јадрото на секоја врска е довербата. Таа е клучна за успехот и задоволството во врската, но во исто време е и многу кревка. Откако ќе се изгуби, тешко е да се обнови.

Што значи довербата?

Довербата во врската значи дека верувате дека вашиот партнер е сигурен и го сака само најдоброто за вас. Со него се чувствувате емоционално и физички безбедно, исто како што тој се чувствува со вас. Довербата значи дека во врската очекувате почит, лојалност и искреност. Очекувате вашиот партнер да ги одржи ветувањата, да ги чува вашите тајни и да биде ваша поддршка во секој момент.

Од друга страна, довербата значи дека го разбирате вашиот партнер и дека сте подготвени да му простите ако случајно прекрши ветување или договор. Во здрава врска, двајцата партнери имаат голема доверба еден во друг и се искрени меѓусебно. Се разбира, врската полна со доверба не се случува преку ноќ, туку се развива постепено.

Потврда  и љубов

Иако мислите дека љубовта е најважниот дел од врската, не занемарувајте ја важноста на довербата. Обидете се да замислите врска или брак во кој не постои доверба. Во врска без доверба се губи мирот и се зголемува сомнежот. Постојаното проверување и испрашување од едната или од другата страна ќе доведе до зголемен број расправии, а расправиите ќе доведат до прекинување на бракот или врската и покрај тоа што постои љубовта.
Љубовта без доверба едноставно не е добра затоа што врската лесно може да се претвори во кошмар и да стане нездрава, нефункционална, хаотична и токсична.
Довербата е клучна за напредокот на врската, а недостатокот на доверба е една од најчестите причини што луѓето ги раскинуваат врските.

Најново на форумот

  • No posts to display.