Собата за бебето е една од најзабавните за уредување. Идните родители се многу возбудени и со големо задоволство се препуштаат на декорирањето, но понекогаш се збунети и не знаат од каде да почнат.

А доволни се само неколку едноставни чекори за одлични резултати

 

1. Концепт на бои

Ова е првиот чекор. Треба да имате одредено свој концепт на бои кои би сакале да ги искористите за уредување на собата. Најдобро е ако изберете комбинација од топли и ладни бои. На пример нежна зелена или сина, секогаш се најдобар избор. Исто така можете да изберете и друга ваша омилена боја, но секогаш решете се за нежни нијанси. Другите детали кога ќе ја уредувате собата треба да ги следат боите и да се вклопуваат во целиот декор.

 

2. Модерното е едноставно и практично

Модерниот стил е препознатлив по практичниот дизајн и форми. Тоа ќе ви даде повеќе слободен простор, а истовремено ќе ги задоволи сите ваши потреби. За почеток потребни ви се само неколку парчиња мебел, бидејќи веќе знаете што и како ќе користите. Како и да е, можете да изберете било кој стил за уредување, но секогаш дадете и‘ предност на функционалноста пред изгледот.

 

3. Повеќе полици

Ставете што повеќе полици во собата. Можат да бидат и едноставни висечки вреќички во кои ќе ставите кадифени играчки, мали фигурички и др.предмети. Искористете ги полиците да ставите рамки со фотографии, ситни предмети, кои ќе му дадат на просторот личен печат и топлина. Не заборавајте да ги искомбинирате полиците според боја и стил со останатиот мебел.

 

4. Вратички или завеси

Во бебешката соба треба се‘ да биде лесно достапно. Така ако имате вграден плакар, наместо врати можете да ставите завеса со интересен дизајн. Тоа ќе изгледа прекрасно, ќе го збогати просторот со својот дезен, а воедно ќе ви овозможи брзо да дојдете до она што ви е потребно.

 

5. Висечки елементи

Колоритните висечки играчки, знаменца, кадифени животни, авиончиња и сл., кои висат од ѕидовите или таванот го декорираат просторот, а истовремено нема да ви пречат во движењето, оти не заземаат многу простор. Бебињата сакаат кога е шарено и весело во собата, па ваквите елементи се вистински избор само е потребно да се вклопат во целиот концепт.

 

Што мислите, дали овие идеи се доволно едноставни и можете да почнете со уредување сами, заедно со партнерот? Доаѓањето на бебето е прекрасен момент, па почнете со својот проект за уредување на собата и уживајте.

Најново на форумот

  • No posts to display.