Кога го уредувате домот сами често пати од незнање или збунетост правите грешки, за кои не сте ни свесни. Дизајнерите на интериер, ги откриваат најчестите и ве советуваат како да ги избегнете.

 

Грешка бр.1 – сè што сакате е во дневната соба

Уредувајте, менувајте, експериментирајте! Земете го омиленото списание за уредување домови и погледнете ги фотографиите. Избројте колку објекти има на малата маисчка, колку простирки има на подот, бројот на врамени фотографии и слики на ѕидовите, нивниот распоред, полиците... Експериментирајте со својот простор. Групирајте ги сличните предмети, тргнете го сето она кое е вишок. Не треба да биде минималистички, но сепак, омилените парчиња мебел и други детали треба да дојдат до израз, а не да го пренатрупаат просторот.

 

Грешка бр.2 - нивоа и пропорции

Една од најголемите грешки која ја прават луѓето при уредувањето на просторот, е што не ја разбираат важноста на нивоата и пропорциите. Мебелот како софи и фотељи треба да има слични пропорции. Тоа не значи дека не треба да има повисоки и пониски парчиња мебел во иста соба, висината секако е важна, но објектите не треба да бидат премногу големи за собата во која се сместени. Не спојувајте мали и деликатни омилени антички фотељи со гломазни софи и фотељи, бидејќи ќе останат незабележливи. Подобро да имате неколку места за седење со пропорционален мебел, отколку да ставите една огромна софа или гарнитура за седење, која ќе доминира во просторот.

 

Грешка бр.3 – премногу скапи тапети

Луѓето често мислат дека им се потребни тапети за сите ѕидови, што може да биде скапо, а воедно да го направи просторот заморен и монотон. Изберете еден ѕид кој ќе го украсите со тапети на одреден дел, на пример просторот зад креветот. Така просторот ќе биде свеж, отворен и ќе „дише“.

 

Грешка бр.4 – игнорирање на околната клима

Многу е важно при уредување на просторот да се земат во предвид климатските услови во околината. На пример ако домот е во област со потопла клима, треба да се потрудите да го уредите со помалку мебел, затоа што ако е пренатрупан ќе создава чувство на топлина, а тоа ќе го прави непријатен престојот таму.

 

Грешка бр.5 – сè да се сложува

Типична грешка која често се случува е кога се обидувате сèшто ќе ставите во една соба да одговара едно со друго. Потрудете се кога го уредувате просторот да создадете свое катче кое ќе е уредено од комбинација на разни материјали, дезени и други детали, кои можеби се различни, но сепак совршено се вклопуваат. Така ќе му дадете личен печат на просторот и тој ќе биде одраз на вашиот животен стил.

 

Грешка бр.6- купување се од едно место во исто време

Уште една грешка е купувањето мебел за една соба од иста продавница и во исто време. Најчесто тоа е од практична природа, но од друга страна го прави просторот безличен. Најдобрите соби се микс од стари и нови парчиња мебел, од различни продавници, производители, па дури ако е можно и од различни региони. Така собата ќе изгледа инспиративно, вдаховено, бидејќи се гледа нејзината еволуција со текот на времето.

Најново на форумот

  • No posts to display.