Водењето сметка за финансиите може да биде многу напорно, но паметното располагање со средствата од сите членови на семејството значи безгрижен живот и полесно реализирање на личните и финансиски цели. Тајната е да му се посветите на тоа активно, без никави одлагања или избегнување на обврските. За да ги водите успешно семејните финансии, мора да бидете свесни за најчестите „замки“ во кои паѓаат семејствата и двојките, при креирање на нивниот семеен буџет.

 

Заборавање да се штеди

Било кој добар финансиски советник ќе ја нагласи важноста на штедењето за иднината – за итни случаи, школување на децата, за пензија. Погрижете се и вие дел од заедничките пари да одвојувате на штедна книшка за заедничката иднина. Добро би било кога секој месец би издвојувале околу 10 посто од своите приходи или да направите траен налог со кој дел од парите ќе ви се префрла на посебна сметка. Дури тогаш со остатокот од парите направете буџет. Ако штедењето го оставите за крај на месецот, ќе видите дека тие пари ќе ги потрошите на некои други непотребни ситници или нема да ви остане ништо за заштеда.

 

Потценување на трошоците

Кога станува збор за семејните финансии подобро е да се преценат трошоците. Класична грешка е која ја прават семејствата е што дозволуваат оптимизмот да се плетка во создавање на реалистичниот буџет. Не правете си услуга создавајќи буџет кој не одговара на вашите парични потреби. Најважни се реалниот поглед и искреноста кон самите себе, па така и буџетот со кој можете да живеете. Потценувањето на трошоците само ќе ве доведе до долгови, фрустрации и неуспех.

 

Трошење над можностите

Буџетот ќе функционира само ако се држите до него. Немојте да бидете невнимателни и да дозволите да ве залажат рекламите, намалувањата или пак да продолжите со своите лоши навики за купување на она што го сакате, кога ќе посакате. Пред да се решите да одите во купување, без разлика дали се работи за нова облека, козметика или нешто трето, прво погледнете ги финансиите и одредете дали можете да си го дозволите тој трошок овој месец, без пробивање на буџетот.

 

Не планирате „екстра“ трошоци

Планирањето буџет почнете го со набројување на трошоците за кои знаете дека дефинитивно ги имате секој месец – отплата на кредит, сметки, гориво, храна...тоа се сите трошоци кои лесно можете да ги процените и знаете колкави ќе бидат. А важно е да оставите простор и за „екстра“ трошоците кои можат да се појават. Никогаш не знаете што ќе се случи, дали на детето ќе му се скршат очилата или нешто ќе се расипе на автомобилот. Во екстра трошоците можат да се вбројат и одење во кино или на вечера во ресторан. Редовно водете сметка за тоа на што сè трошите пари и колку често ви излегуваат непредвидени трошоци, така што отприлика ќе знаете и колку пари ви се потребни да ги одвоите за тоа.

 

Негативен став

Пристапете кон создавење на семејниот буџет со позитивен став и нека ви биде јасна целта за планирањето финансии. Сакате што побрзо да ги исплатите наталожените долгови? Да заштедите пари за патување или само да живеете попријатено и безгрижно? Создавањето буџет е првиот чекор во исполнување на целите кои сте си ги поставиле за вашето семејство и тоа е добра работа. Како и во животот, успехот ќе дојде кога ќе му пристапите со ентузијазам.

Најново на форумот

  • No posts to display.