Дрвото дава незаменливо чувство на топлина, пријатност и удобност, поради што паркетот веќе со децении е неприкосновен кога станува збор за домашните подови. За жал, често го криеме со теписи за да го сочуваме или пак да ги скриеме оштетувањата на него. Дизајнерите велат дека дрвените подови треба да се истакнат.

 

Доколку наскоро треба да изберете подна облога, најдобро е да се решите за паркет, бидејќи е долговечен и може да се шмиргла и лакира до 10 пати. Штичките се прават од полно дрво со дебелина 12 – 22 мм, а разновидноста на шарите се постигнува со различно редење (рибина коска, коцка и интразија). Кај нас најмногу се користи буков, дабов и паркет од јасен, нешто поретко од орев, цреша и багрем, а многу ретко паркет од бамбус. Многу е убав и отпорен, но затоа е многу поскап. Бродскиот под се прави од дрвени штички, кои се премачкуваат со бои за дрво или специјални лакови. Таков под ја истакнува убавината на модерно или класично опремен простор, го први атрактивен и топол. Лесно се одржува и трае со децении. Ламинатот е производ од поново време, но брзо го најде своето место во нашите домови. Ефтин е и можете лесно сами да го поставите.

Бродски под за ширина

Во зависност од намената на просторијата се користат различни видови дрво за обложување на подовите. Тврдите се подобри за дневна и детска соба, но можете и да се решите за кујна, ако ви е споена со дневниот простор. Вака поставен и обработен бродскиот под дава ширина на просторот иако целосно ги соединува кујната и трпезаријата. Бродските подови се прават од различни видови дрво, што е пресудно за цената, која пак често е решавачки фактор при изборот.

Рустиката е повторно во мода

Може да се расправа за тоа дали паркетот е прикладен за кујна. Многумина се противат на таа идеја и покрај фактот дека добро излакиран дрвен под, е подеднакво отпорен како и плочки. Добро обработен паркет лесно се одржува, траен е и секако потопол од плочките. Ако не сакате да се грижите за можните оштетувања, пред шпоретот и мијалникот ставете по некоја заштитна патека која лесно се пере. Со нејзе ќе го заштитите подот и ќе го разубавие просторот, особено ако внимателно ги вклопите боите.

Ламинатот е чувствителен на влага

Ако поставувањето паркет ви е премногу скапо, решете се за ламинат. Тие подни облоги се прават од мешавина од дрво и синтетички материјали, лесно се поставуваат, чистат и одржуваат. Се прават во најразлични бои и дезени и на прв поглед потсетуваат на бродски под. Ламинатот е поефтин од паркет, но не може да се шмиргла, па има ограничен век на траење. Не се препорачува за бањеи, бидејќи под влијание на вода и влага, плочите од ламинат почнуваат да се виткаат, набабруваат и излегуваат од лежиште.