Една од омилените детски активности, цртањето со креди на тротоар, во двор, на игралиште, може да биде уште поинтересна ако заедно со децата самите ги изработите кредите во боја. Многу е забавно, креативно и ќе ви овозможи убаво минати неколку часа заедно со вашите дечиња

Потребно ви е:

- картон од ролни тоалетна хартија (или кујнска хартија),

- ножици,

- селотејп,

- восочна хартија (хартија за печење),

- мал сад (или повеќе садови) за подготовка на смесата,

- ¾ чаша топла вода,

- 1 ½ чаша гипс,

- 2 – 3 лажици темперни бои,

- хартиена кеса

Подготовка:

Чекор 1 – ако користите картонски ролни од кујнска хартија исечете ги на пола,

Чекор 2 – затворете го едниот крај на ролните со селотејп.

Чекор 3 – исечете мали парчиња од восочната хартија, за да ја обложите внатрешноста на ролните. Крајот нека биде повисок од крајот на ролната за да не се залепи со картонската хартија.

Чекор 4 – ставете ја топлата вода во садот. Додајте го гипсот и промешајте да добиете воедначена смеса. Мора да работите брзо, затоа што смесата ќе се стврдне за 20 – 30 минути.

Чекор 5- поделете ја смесата во неколку садови и во секој додајте по малку темперна боја по избор.

Чекор 6 – распоредете ги ролните на поголем сад кој лесно ќе можете подоцна да го преместите. Со лажица наполнете ги картонските ролни со смеса и лесно протресете ги за да излезе вишокот воздух, кој може да направи дупки во кредите. Повторете ја постапката со останатите смеси. Подигнете ги краевите на восочната хартија за да не истече смесата.

Чекор 7 – потребни се 3 дена за да се исушат и стврднат кредите. Последниот ден излупете го селотејпот од долната страна за да се исуши кредата внатре. Кога се готови кредите, извадете ги од ролните, па излупете ја восочната хартија. Кредите се готови и време е за цртање!