Пандемиите најчесто се неселективни и вирусите не прават разлика меѓу жртвите што ги напаѓаат и оние што ги поштедуваат. Но, ковид-19 е различен, особено кога станува збор за возраста.

 

Болеста се покажа како посебно опасна за постари лица, со што оние кои се 65+, се сметаат за особено високо ризични за хоспитализација и смрт, а оние на возраст под 18 години имаат привид на епидемиолошка пауза. Иако и кај адолесцентите понекогаш се јавуваат тешки клинички слики, повеќето од оние кои се заразиле со болеста во таа возрасна група имаат поблаги симптоми или воопшто ги немаат.

Но, ако ковид-19 ги ​​штеди телата на повеќето деца, болеста не е толку љубезна со нивните умови. Никој не е имун на стресот што доаѓа со пандемијата и карантинот кој ја следи.

Живеејќи во свет кој веќе е надвор од нивна контрола, децата можат да бидат особено разнишани, кога ритуалите во нивните животи и нивното секојдневие се пореметени. Тие се отстранети од училишната средина и одалечени се од своите пријатели.

Децата добиваат двоен удар...болеста сама по себе, но дополнително и стравот од неа.

Особено, децата предиспонирани да го гледаат светот од песимистичка страна, ќе имаaт поголема вознемиреност затоа што чувствуваат дека многу повеќе ја губат контролата. Иако, осаменоста е вообичаена за децата одделени од нивните пријатели, сите деца нема да бидат подеднакво емоционално потресени од пандемијата, ковид-19 ќе влијае на нив во различни степени и на различни начини.

Влијанието врз чувството на безбедност на детето зависи од степенот до кој е погодено семејството. Ако има загуба или ако семејството има драстична промена во нивната економска состојба, овој настан ќе го обликува погледот на децата кон светот.

Друг фактор од кој зависи со колкав интензитет болеста и пандемијата ќе има ефект врз менталното здравје на детето, е дали тоа имало претходни проблеми со менталното здравје. Децата кои се бореле пред пандемијата, сега се изложени на поголем ризик, но од друга страна децата како и возрасните кои посетувале психотерапевти пред пандемијата може и подобро да се справуваат во оваа ситуациј,  бидејќи научиле нови начини за справување.

Возрасните и децата кои посетувале психотерапевти во приватна пракса, можат да продолжат преку зум или скајп, без прекин на нивните сесии и третман. Но, за жал оваа можност ја немаат сите деца на кои им е потребна помош, пред сè поради непрепознавање на потребата на детето од околината.

Возраста исто така може да биде битен фактор во тоа колку пандемијата ги погодува децата емоционално. Многу мали деца може да не забележат дека нешто е различно, освен тоа што можеби нивните родители не излегуваат за да одат на работа, што може да е и позитивно. За помладите деца, да се биде со нивните родители преку целиот ден се смета за плус.

Но, истите тие мали деца имаат „акутно вклучени антени“кои го фаќаат и најмалото вознемирено расположение на возрасните околу нив. Амбиентниот стрес во затворено домаќинство во кое родителите се вознемирени, можеби се караат и дезинфицираат сè што не се движи, не поминува незабележано од децата. Како последица на тоа кај многу малите деца, може да се забележи поголема приврзаност кон родителот како и  потешко заспивање, а понекогаш и регресивно однесување.

За учениците и тинејџерите, да се биде во друштво со родителите наместо со пријателите по цели денови е најлошо можно сценарио. Во случај на пандемија, таа суштинска социјализација која им е неопходна на младите луѓе не доаѓа предвид, барем не во обем и форма во која им е потребна.

Ако има нешто сигурно за влијанието на пандемијата врз младиот ум, тоа е дека истото се продлабочува и нема да запре сè додека не запре ширењето на ковид-19, а тоа значи дека во догледно време треба да се внимава на реакциите на децата и адолесцентите за евентуални промени во нивното однесување и навремено реагирање од страна на семејството.

Во продолжение ќе зборуваме за можните депресивни и анксиозни симтоми кај децата на кои треба да се обрне посебно внимание.

Пишува: доц.д-р Емилија Бошковска, психолог,психотерапевт

Најново на форумот

  • No posts to display.