Стела и Сани се малите херои од првите 3Д анимирани видеа наменети за едукација и анимација на деца создадени од македонското студио за филмска продукција и пост продукција „Вертиго Вижуал” со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој.

 До сега, ова студио има работено визуелни ефекти за повеќе 50 филмови од холивудската А листа, популарни бокс-офис хитови и добитници на бројни награди на престижните меѓународни фестивали. По повод 15 годишнината од своето постоење и успешна работа тие го промовираа  новиот проект „Стела и Сани” – серијал од високо квалитетни авторски 3Д видеа на македонски и албански јазик, наменети за едукација на децата преку музика и игра.

- Примарната цел на овој проект е креирање на нов македонски и албански бренд - домашна авторска содржина за анимирање и едукација на деца на возраст до 10 години. Сепак, не застануваме тука. Освен преку видеа „Стела и Сани” ќе ги продолжат своите авантури и низ сите дигитални и печатени формати. Веќе работиме и на развој на Веб-платформа, како и на апликации, интерактивни игри, боенки...буквално сите алатки со кои можеме да го олесниме и направиме ова секојдневие пошарено и за децата и родителите– вели Дејан Пановски, извршен директор на „Вертиго Вижуал”.

Важен дел од проектот е издавањето на едициите на книги за деца во кои преку квалитетна содржина ќе се поттикнуваат децата да ги развиваат читателските навики од најрана возраст. На книгите работат домашни реномирани автори, илустратори и креативци, со цел да се создадат врвни изданија коишто одговараат на светските стандарди.

- Ангажиравме професионалците во пишувачката дејност како Бистра Георгиева, Винка Саздова, Венко Андоновски, Јагода Михајловска-Георгиева и со проектот е планирано да издадеме три едиции на книги кои ќе ги опфатат сите категории на литературата за деца, поделени според возрасни групи од 1 до 15 години. Веќе денес ја промовираме првата сликовница со наслов „Во овој балон нема место за еден слон“, која може да се најде во книжарниците на „Три “ и во нашата продажна мрежа.– вели Љубомир Саздов од издавачкиот центар „Три“.
Проектот е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој во рамки на Јавен повик за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации.

Најново на форумот

  • No posts to display.