Кога ќе го видат своето 2-3 годишно дете како го удира, гризе, напаѓа своето братче, сестриче или другарче, родителите најчесто се во паника и се чувствуваат непријатно. Секако дека ова ќе ве загрижи, но нема место за нервоза, бидејќи е минлив стадиум кој можете да го држите под контрола. Воедно, не се грижете, бидејќи на оваа возраст детето не може да стане насилник.

Според д-р Едвард Кар, професор на одделот за психологија во универзитетот во Њујорк, децата на 2-3 годишна возраст, сè уште не ги разбираат целосно своите и туѓите емоции и не знаат дека со такво однесување можат да повредат некого.
Во овој период од животот децата постојано тестираат причини и ефекти „ако направам вака, што ќе се случи?“. Тие ги користат алатките кои ги имаат, односно не знаат како да добијат нешто што го сакаат на разумен начин, па може да реагираат нападно.
Секако тоа не значи дека треба само да седите и да го оставите да прави што сака. Ако сега не интервенирате, тоа може да стане вистински насилник кога ќе порасне, бидејќи нема да знае за друг начин на изразување на своите потреби.

Што да превземете

- Дајте му тајм аут – ако гледате дека вашето дете удира, гризе, плука друго дете, веднаш реагирајте и обидете се да му зборувате смирено. Но ако забележите дека не ве слуша, тргнете го на страна и кажете му дека треба само да поседи на страна додека се смири.

- Не барајте објаснување – ако го прашате вашето дете зошто во тој момент прави нешто лошo, тоа му имплицира дека некогаш е дозволено да се биде лош. Тоа не значи дека не треба да ја откриете причината самите. Ако на пример вашето дете го скубе за коса другарчето затоа што се лула на лулашката, помогнете им да го решат спорот, односно да се менуваат на лулашката, откако ќе му објасните дека скубењето за коса не е решение. Тоа им покажува на децата дека живеат во свет во кој мораат јасно да ги изразат своите мисли и чувства кога нешто не е во ред и дека вие сте тука за да му помогнете да се реши проблемот.

- Останете смирени – некои деца веруваат дека секој вид внимание е подобар од никакво. Затоа ако вие полудите кога ќе направи нешто лошо, тоа ќе сфати дека таквото негово однесување предизвикува реакција кај вас („Ооо, мама се налути“) и секој пат кога ќе има шанса ќе го направи истото за да ја добие истата реакција од вас.

- Поврзете го неговото однесување со чувствата кај другите – децата на 2-3 годишна возраст имаат ограничено разбирање како влијае нивното однесување на другите. Вашето дете треба да знае како се чувствува неговото другарче откако ќе го удри. Кажете му „Тоа го повреди Марко и тој сега се чувствува лошо“. Објаснете му дека знаете колку е тешко да се дели играчката или друг предмет, но удирањето не е решение.

- Помогнете му да се смири – децата се вознемирени исто како возрасните кога губат контрола. По кратко време зборувајте му смирено и со разбирање - „Знам колку е лошо да се чувствуваш вознемирено и уште да повредиш друг“. Тоа им помага на децата да ги разберат своите емоции и да ги контролираат.

- Не го терајте со сила да вклучува други – некогаш децата се однесуваат како насилници со исклучување на други деца од играта. И тоа е нормално според д-р Кар. Во мали групи детето сака да ги воодушеви другите со кои си игра, а воедно со тоа испраќа порака „Вие сте за мене посебни, затоа си играм со вас“.
Решение: не го карајте веднаш, почекајте да останете насамо и потоа објаснете му дека тоа што го прави не е во ред и како би се чувствувало ако нему тоа му го направат.

- Учете го вештини за решавање проблеми – сето тоа направете го низ игра, а детето нека учи позитивни начини за решавање проблематични ситуации. Можете вие да глумите друго дете, кое на пример на вашето му ја зело омилената играчка. Научете го со разговор да си ја врати играчката „Тоа е моја играчка, те молам врати ми ја“. Играјте слични сцени за разни ситуации, и набрзо ќе забележите позитивни промени кај своето дете.

Зошто мора да научи да каже „Извини“
Ако сте виделе мало дете кое одвај и тивко вели „извини“ сигурно си мислите дека нема поента да го учите вашето да кажува. А воедно на оваа возраст, дали навистина го мисли тоа? Можеби не, но ако денес не се извинува искрено, еден ден ќе почне да го сфаќа вистинското значење на зборовите и навистина ќе го мисли тоа кога ќе го каже. Затоа почнете од сега да вежбат. Охрабрете го своето дете да се извинува искрено. Бидете емпатични. Кажете му дека да се извиниш е тешко, бидејќи тоа значи дека сме направиле нешто лошо. Објаснете му дека не е убаво да знаеш дека си повредил некого, но кога ќе го направиш тоа, важно е искрено да се извиниш.

А кога вашето дете е жртва?
Сигурно се случило во игротека или парк, да видите мајка која не забележува дека нејзиното дете се однесува насилнички кон вашето. И наместо да ја нападнете, подобро почнете разговор со кој ќе ја натерате да превземе нешто.
- Поедноставете го проблемот – кажете „Вашето дете ја удри ќерка ми. Можете да ми помогнете?“. А кога ќе се смират децата, охрабрете ги самостојно да се занимаваат со некоја активност. На пример предложете секое дете да нацрта нешто убаво за својата мајка. Ако се занимаваат со некоја забавна и позитивна активност, децата нема да имаат време за караници и тепачки.
- А ако тоа не помогне? - секогаш можете да заминете, ако работата тргне во погрешна насока. На крај ако другата мајка мисли дека удирањето не е голема работа, тогаш не треба вашето дете да си игра со него. Сепак имајте на ум дека мајката сигурно во еден момент ќе се почувствува непријатно и ќе се обиде насамо да го реши тоа со своето дете.

Најново на форумот

  • No posts to display.