Ако имате тинејџер дома, сигурно сте имале ситуации со постојано лутење, расправање и изливи на бес. За него на оваа возраст најголем предизвик е да најде истомисленици, пријатели и што повеќе луѓе кои го разбираат. 

Тинејџерските години се период кога детето е најчувствително и ранливо, а со вас, родителите, тешко наоѓа заеднички јазик. Тоа е причината поради која често во родителско-детскиот однос се создава голем јаз. Сепак не се откажувајте веднаш и обидете се да изградите еден убав пријателски однос, со што ќе му покажете дека вие, неговите родители, сте најдобрите луѓе што ќе му помогнат во секоја ситуација. Еве неколку предлози како да успееете во тоа:

* Не создавајте табу теми – за сè зборувајте отворено, дури и за секс, алкохол, дрога, бременост, криминал, љубов. Немојте да мислите дека тоа ќе го однесе на погрешен пат. Напротив ќе му покажете дека иако меѓу вас има голема разлика во годините, ве интересираат исти работи.

*Споделете лични искуства – нема тинејџер кој не е љубипитен за тоа како се запознале мама и тато и како тој дошол на свет. Ослободете се од чувството дека сте родители и треба да сте многу сериозни во извршување на таа улога. Раскажете му на својот тинејџер за вашата прва љубов, прво раскинување, прво пијанство и други интересни детали од својот живот. Ова ќе го поттикне да ви ги раскаже своите интереси и лични искуства. Секој тинејџер има природен импулс и сака да се покаже пред врсниците дека е супериорен, дека направил нешто необично, прв пат се опил и др... така што во разговорот со вас ќе сака да се истакне и да открие што повеќе работи за себе.

* Не критикувајте, туку ставете се на негово место.  Не му забранувајте на тинејџерот да излегува, да пие и да е сексуално активен. Забраните нема да го сопрат, туку ќе имаат спротивен ефект. Подобро зборувајте со него за тоа како да се заштити при сексуален однос, како влијае алкохолот и тн.

* Оставете го да “дише“ – не го следете на секој чекор. Не можете секогаш да внимавате на него. Еден ден ќе замине од татковиот дом и ќе биде далеку од вашите очи. А ако му покажете дека му верувате, тоа ќе му помогне да биде поодговорен и да живее според вашите совети, за да ви докаже дека можете да имате доверба во него. 


* Ослободете се од стравот дека имате тинејџер- вашата врска ќе биде постабилна, ќе го направи посигурен и покомуникативен.

* Не го споредувајте со неговите пријатели, браќа или сестри – коментарите како „зошто не си како брат ти?“, ќе го изнервираат детето, а вас ќе ве направат негов непријател. Секоја личност е различна и има свои добри и лоши страни. А ако сте искрени ќе признаете дека и вие не бевте баш примерни кон своите родители. Покажете интерес за неговиот живот и активностите со кои се занимава. Но имајте трпение. За него е важно да добие поддршка и да знае дека сте горди на него. Покажете ја јасно својата љубов и поддршка.

* Секогаш бидете средени кога кани гости- не му давајте причина да се срами вашиот тинејџер од вас. И ако се претставите како кул родител, може да се придружите во мала дискусија со друштвото, што ќе ви овозможи да ги запознаете неговите пријатели.

*Следете што чита, слуша и гледа на ТВ. Така ќе имате повеќе теми за разговор и полесно ќе комуницирате. Семејната вечера нека стане ваша традиција каде секој зборува за себе.

* Слушајте внимателно – кога ќе почне да зборува вашето дете, не го прекинувајте. Така ризикувате да се вратите на почетокот и повторно ќе мора да го убедувате детето дека сте негов добар пријател.

И за крај, најважно е да сфатите дека никогаш не е доцна да го подобрите односот со својот тинејџер. Тоа е многу важно за целото семејство.

Најново на форумот