Видот веднаш по раѓање на бебето не е потполно развиен, односно неколку месеци после раѓањето, видните дразби го започнуваат интензивниот развој на видот. Иако навидум може да се чини дека сè е во ред, со наполнување на третата година, родителите треба да го однесат своето дете на превентивен, односно рутински преглед кај офталмолог.

 

Родителите често знаат да кажат дека детето ги гледа дури и најситните трошки на тепихот, но она што треба да го знаеме е дека дека детето гледа со двете очи и затоа важно е да се испита видот на секое око поединечно.

Исто така, само со преглед на видната острина не се одредуваат останатите аспекти на видот кои се исто толку важни за нормално, секојдневно функционирање на детето, особено во училиште. Тоа е на пример координација на очните движења, поставеноста на очното јаболко, можност за акомодација при гледање на близу, испитување на бинокуларен вид, присуство на страбизам, диоптрија, анисометропиа, амблиопија и др.

Симптoми и знаци кои би требало да побудат сомнеж на очни болести кај вашето дете се:

Бела зеница, кога детето не фиксира, т.е. не забележува и со погледот не следи предмети и играчки. Кога се криви едното или двете очи, го замижува едното око, наведнува глава кон рамо, прави спонтани, ритмички покрети на двете очи. Потоа, претерано солзење, црвенило на очи, често триење на очите, умор, главоболка (особено при читање), претерано доближување до телевизорот.
 

Како изгледа и колку време трае еден офталмолошки преглед?

 
Прегледот може да трае од 30 – 40 мин, но некогаш и до еден час, а тој опфаќа:

  • Oдредување на видна острина, на далеку и близу
  • Тестирања за страбизам и стерео вид
  • Корекција на рефрактивна грешка ( диоптрија )
  • Ширење на зеници и одредување на објективна диоптрија
  • Комплетен преглед на преден и заден сегмент на окото.

На Одделот за деца и страбизам во нашата клиника, офталмолошкиот преглед е прилагоден за возраста на детето и истиот го правиме да биде забавен, интересен и едукативен.

Автор: Викторија Филева, спец. oфталмолог, 
Очна болница „Систина Офталмологија'

Најново на форумот

  • No posts to display.