Училишниот период е време кога детето при интензивниот раст и развој може да биде изложено на различни негативни влијанија од средината, кои треба да на време да ги препознаете и реагирате пред да се предизвика поголема штета.

Една од работите на кои треба да обратите внимание е училишниот ранец, кој ако е премногу тежок е честа причина за болки во грбот, градите и вратот, како и лошото држење на телото кое може да доведе до различни деформитети на рбетот, како сколиоза и кифоза или деформитети на стапалата и градниот кош. Правилното носење на училишниот ранец е предуслов за здрав рбет.

Препорака на медицинските стручни лица, ортопеди и физијатри, е дека тежината на училишниот ранец (торба) треба да е 5-10 % максимум 15 % од телесната тежина на детето, а сè што е над тоа, штетно влијае на коскено-мускулниот систем и неговиот развој. Тоа значи ако детето е тешко 22 – 25 кг, ранецот не смее да биде потежок од 2-2,5 кг.
Освен тежината, важни се обликот и големината. За да се намали оптеретуваљњето и болката во грбот, врвот на ранецот треба да биде неколку сантиметри под врвот на лопатките, а долниот дел неколку сантиметри над струкот. Односно ранецот не смее да преминува над детските рамена, за детето да не падне ако се наведне нанапред.

Прерамките треба да се широки, соодветно подесени и добро поставени за да тежината се распореди подеднакво на двете рамена. Носењето ранец на едно рамо предизвикува болки во мускулите и доведува до проблеми со држењето и положбата на телото. Должината на прерамките треба да е прилагодена така да ранецот е високо на грбот и близу до рбетот. Лабаво поставените прерамки предизвикуваат болки во грбот и искривување на рбетот. Ранецот треба да има повеќе прегради за правилно да се распореди тежината. Пониските деца треба да носат ранци со прилагодливи прерамки кои се врзуваат околу градите и струкот за да правилно се распредели тежината која се носи на грб, па со тоа и да се намали притисокот на чувствителните мускули на вратот и рамената.
Ранците со тркалца и рачка која се продолжува не се препорачливи поради оптеретување на страната на телото која ја “влече“ торбата и предизвикува болки во рамото и искривување на рбетот на една страна. Исто така овие торби можат да доведат и до повреди при сопнување, особено на нерамен терен или скали.

Препораки за родителите
Децата мора да учествуваат во изборот на ранецот, бидејќи треба да биде ранец кој со задоволство ќе го носат. Изберете ранец од полесен материјал, за да нема дополнителна тежина. Покажете им на децата како правилно да го спакуваат ранецот – најтешкиот дел од содржината секогаш треба да биде поблиску до грбот.
Редовно контролирајте ја и “прочистете“ ја содржината на ранецот, бидејќи децата често носат беспотребни работи. Проверете дали вашите деца, особено помалите, ја подготовуваат школската торба соодветно за следниот ден по распоред, оти некогаш знаат да ги носат сите книги во школо.
Научете ги како правилно се носи ранецот и предупредете ги да не го носат на едно рамо. Редовно прашувајте го детето дали од носењето на торбата чувствува замор или болки, трнење или губење на чувство во рацете, болки, укоченост во вратот, црвенило на рамената па посоветувајте се со лекарот за да ја открие причината за тоа.  Ако вашето дете секој ден носи многу книги, поразговарајте со класниот раководител.
Редовната физичка активност секогаш е од големо значење за правилното држење на телото и развој на рбетот и мускулите. Затоа е важно децата да се учат од најрана возраст за корисноста од редовно вежбање.

Најново на форумот