Додека некои мајки не можат да дочекаат, други со сентименталност гледаат на престанокот на доење. Светската здравствена организација (СЗО) и македонските педијатри го препорачуваат доењето како единствена храна за бебето најмалку до шест месеци, по што бебето треба постепено да почне да се навикнува на овошни и зеленчукови кашички, но при тоа со дењето не треба да се престане, туку само да се намали бројот на подои.

 - Доењето е нормален процес кој треба да трае до година дена. Претставува најприроден, најблагодарен, најтопол и најдобар начин на исхрана на едно доенче, особено во првите шест месеци. Мајчиното млеко има апсолутни предности во однос на било кое друго млеко. Веќе над година дена потребно е исхраната да биде побогата и разноврсна – велат педијатрите.
Кога ќе се престане скроз со доењето, секако одлучува секоја мајка за себе и своето дете, при што најважно е да се потпре на своите чувства, а не на тоа што вели средината. СЗО препорачува дека повременото доење е добро до втората година, бидејќи мајчиното млеко е најдобрата храна за детето, содржи хранливи материи, го зајакнува имунитетот, спречува алергии и воспаленија.
- Доењето на деца после навршена година, во основа е еден тип на психолошка врска на мајката и детето, и најчесто се практикува навечер при заспивање. Иако постојат тенденции на долготрајно доење (во втора и трета година) сепак прекинот на доењето би требало да дојде по навршување на првата година – советуваат педијатрите.
Прекинот на доење треба да биде во мирен период, не кога растат запчиња или детето е болно, бидејќи тогаш доењето му е утеха и го смирува. Ако имате избор, зимските месеци се подобри, оти во тек на летото може да се јават проблеми со варењето. Најдобро е прво да се замени еден оброк со дохрана, со што вашето тело ќе се навикне на помало произведување млеко и стомачето на бебето ќе почне постепено да се навикнува на нова храна. При тоа бебето не треба да биде премногу гладно или уморно, затоа што ќе земе само неколку лажички кашичка.

Не очекувајте дека со доењето ќе престанете од денес за утре. Во некои случаи тоа е нужно, како на пример при престој на мајката во болница. Но при тоа настанува застој на млеко во градите и нивно воспаление, а ако сте приморани да го прекинете доењето нагло, побарајте помош од лекар.
Немојте да се изненадите ако детето на дванаесет месеци самото одбие да цица, тоа е дел од природниот процес на развој и осамостојување. Нема потреба да инсистирате да доите како што сте планирале до две години. Тоа е знак дека детето сака нешто поинакво од мајчиното млеко, па слободно понудете му кашички.
Со доенчињата е друга приказна. Ако тие без причина наеднаш одбиваат да цицаат, не се откажувајте. Прво побарајте ги причините - ако по породувањето ви почне циклусот, млекото во тој период го менува вкусот, ако сте смениле мирис или млеко за тело. Или можеби носето на бебето му е затнато. Ако упорно одбива бебето да цица, измолзете млеко и понудете му го со лажичка. Но ако ни тоа не помогне, ќе морате да земете адаптирано млеко. Во секој случај прво консултирајте се со педијатарот кој може да ви олесни во наоѓањето решение.

Трикови за прекин на доење
Кога вие сакате да престане со доење, а детето не, треба да се послужите со трикови за да го надмудрите.
- Променете ги навиките, ако сте доеле во кревет не го правете тоа.
- Сменете ја положбата на доење...детето ќе почувствува дека нешто се сменило, ќе му стане неудобно и со тоа помалку привлечно доењето.
- Ако ништо не помогне, грижата околу детето во голем дел препуштете му ја на сопругот, бидејќи детето секогаш кога ќе ја види мајката плаче за дојка.


Најново на форумот

  • No posts to display.