Бебето почнува да плаче и вие се обидувате да го нахраните, но не е гладно. Му ги менувате пелените, сè уште не е задоволно, но вие немате поим во што е проблемот. Очајно посакувате да му помогнете, ама не знаете што сака? За среќа не мора да чекате да почне да зборува за да можете да го разберете, бидејќи тоа веќе комуницира со вас – со својот говор на телото и други знаци. 

Можеби само лежи и зјапа во просторот пред него или пак трепка многу и ја врти главата на страна. Или можеби ги отвора очите широко и го следи секој ваш чекор. Овие сите се важни сигнали за тоа што му треба на вашето бебе. 
Да го разберете уникатниот начин на комуникација на вашето бебе е како да сте научиле нов јазик, велат стручњаците. Но ова освен што може да биде прекрасно ново искуство, истовремено може да биде и многу стресно. Од раѓањето бебињата користат вокални и визуелни знаци за да комуницираат со нас. 


„Читајте“ го вашето бебе
Да се разбере кога бебето е гладно или уморно, секако е од помош, но да се научи уникатниот јазик на вашето бебе значи дека можете да откриете кога се чувствува убаво.
„ Не бев сигурна дали мојата пет месечна ќерка ужива додека се бања. Таа беше многу мала да ми каже било што, но гледав како силно удира со нозете во коритцето и устата и è широко отворена. Не знаев дали тоа е добро или не. Кога мајка ми ја виде ми кажа дека таа се забавува и ужива“ вели eдна мајка.

Оваа „фаца за игра“ со широко отворена уста е класично однесување на среќно бебе, дури и во светот на животните. Според една студија на англискиот универзитет во Портсмунд докажано е дека младите орангутани и шимпанза ги отвораат своите усти и дишат побрзо дури и се кикотат, како човечки бебиња, со што индицираат дека се среќни. Тоа е унивезален одговор за задовoлство.

Иако има некои знаци кои бебињата ги споделуваат, вашето можеби ќе има свој начин да ви покаже како се чувствува. Така една мајка открива како го дознала специјалниот начин на кој нејзината ќерка ѝ кажувала дека е гладна – „кога ќе ме повлечеше за нос знаев дека следно е да ми ја повлече блузата и да побара да цица. Мојот нос беше како копче за аларм дека е време за јадење!“

Не е само за игра
Да се одржува бебето среќно не е секогаш само да се натера да се смее. Здравата врска бара микс од возбудливи периоди и посмирени мигови кога сте фокусирани еден на друг, и во тие мигови се зближувате. Како што вие понекогаш молите за мала пауза и тишина, истото го посакува и вашето бебе. Но сигналите кои ќе ви кажат дека таа има потреба од смиреност и тишина, далеку од сите стимуланси, можат да бидат тешки за дешифрирање. Многу лесно можете да ги промашите. Вие разговарате на телефон или читате мејл, а вашето бебе ве влече за блузата или ве граба за лицето. Наместо да слушнете што ви вели – ми треба твоето внимание – вие се фрустрирате бидејќи не сфаќате од што е фрустрирано и зошто се однесува така. Детето не сака само да ви го привлече вниманието, туку сака да ви каже нешто но не знае како.
Често родителите не сфаќаат дека бебињата имаат потреба од квалитетно време, без било какви стимулирања, а не само да поминат многу време со родителите. Бебињата и малите деца многу лесно стануваат престимулирани.

„Секогаш ја носев ќерка ми со мене во кафуле, продавница, на базен, дури и на фризер! Но таа често почнуваше да кенка гласно, дури и кога ќе ја оставев сама во нејзината соба со сите играчки, како да сакаше да ми привлече внимание на себе. Не сфаќав во што е проблемот додека еден ден се разболев и останв со нејзе дома. Тие денови таа беше како друго бебе: смирена, насмеана, едноставна. Јасно ми стана дека сите тие нејзини реакции беа начин на кој сакаше да ми каже дека има потреба да остане со мене сама дома, па од тогаш гледам да поминуваме секој ден такви мигови.“ - пишува мајка во една фејсбук група за родители.
Освен што разбирањето на тоа што сака да ви го каже вашето бебе може да ви го нарави животот полесен, има уште еден важен момент. Бебето се чувствува безбедно кога знае дека е разбрано. Тоа му ја зголемува самодовербата и му помага да ги чита емоциите кај другите луѓе и да одговара на нив. Исто така ќе му помогне полесно да расте и на предува, бидејќи нема поубаво од тоа кога некој ги разбира и исполнува неговите потреби.

Тајниот јазик на вашето бебе
Ако бебето...
1. Зјапа во празно
2. Трепка многу
3. Ги цица прстите
4. Е со широко отворена уста и очи
5. Гуга или испушта звуци

Значи дека...
1. е изморено
2. премногу стимулирано или уморно
3. гладно или вади заби
4. ужива
5. среќно и се забавува

Добро би било да...
1. го ставите да спие
2. ги тргнете сите играчки, да ја исклучите музиката и да го намалите се она кое му го влече вниманието и дополнително го стимулира
3. нахраните или му дадете гума за заби
4. продолжите со него да правите смешни фаци
5. уживате заедно со своето среќно бебе

Најново на форумот

  • No posts to display.