Kога новороденчето ќе стаса дома, родителите целосно се посветени да ги обезбедат идеалните услови за него. Од тоа со која температура треба да е во собата, до тоа како да го облечат после бањање. 

Идеалната температура на бебешката соба треба да биде помеѓу 20 и 22 целзиусови степени, со тоа што 4-6 степени треба да биде повисока за време на неговото бањање. По можност, собата треба да биде добро осветлана и сончева, без влага и врева, и не треба да биде натрупана со мебел и цвеќе. Се препорачува да има прозорец заради можност за природно проветрување. Потребно е да се избегнуваат нагли промени на температурата со струење на воздухот, со употреба на греалки или клима уреди. 

Креветчето е најдобро да биде поставено во близина на мајката, како би можела постојано да го надгледува своето новородено. Во собата на бебето пожелно е да се слуша тивка и пријатна музика, а во текот на ноќта да се обезбеди дискретно светло. Бебето не треба да се „прегрејува“ и секогаш држете се до правилото дека бебето треба да биде облечено токму како возрасните или најмногу со еден тенок памучен слој повеќе. Памучна капа треба да се користи само после бањањето и тоа во краток рок или при изнесувањето на вашето бебе надвор на ладно и ветровито време.

Дланките и стапалата вообичаено се ладни, што се должи на нивната периферна циркулација и затоа тие не се најверодостоен показател за реалната телесна температура на бебето. Температурата на бебето е доста променлива особено во текот на првите денови по доаѓање од родилиште, пред се заради нестабилност и незрелост на терморегулациониот центар. Телесната температура во голем дел зависи од надворешната температура и влијанија, така да нормално се движи помеѓу 36,8-37,3 C степени, а доколку вашето бебе е облечено слоевито и просторијата во која се наоѓа е со повисока температура неговата телесна температура може да достигне и 37,5-37,6 C степени. Проверете ја температурата на вашето бебе со пипање на кожата на стомакот или задниот дел од вратот, таа не треба да биде ниту ладна , ниту оросена со пот, туку да биде пријатно топла.