Кога детето ќе наполни девет месеци или година, повеќето мајки се враќаат на работа и тогаш се појавува дилемата, кому да се довери грижата за детето. Дали да се избере градинка, дадилка или баба/дедо сервис? Секој од овие начини на чување има свои предности и мани.  

За кој било начин на чување да се решите, тоа е промена за детето на која треба да се навикне. Сите деца прифаќаат промени, ако имаат доволно време да се прилагодат. За да се избегнат проблемите со прилагодувањето потребно е да почнете со дневни рутини барем десеттина дена пред враќањето на работа. Децата лесно се навикнуваат на нови рутини, ако ги воведете на неагресивен начин и постепено. На пример ако треба да тргнете во градинка во одредено време, испланирајте кога треба да станете, да се подготвите вие и детето, па тоа „вежбајте го“ наутро. Вака нема да бидете неподготвени првиот работен ден, а детето нема да биде во шок. 

Должината на прилагодување зависи и од самото дете. Во тоа може да ви помогне брачниот другар, дадилката, родителите или воспитувачката во градинка. Личноста која ќе се грижи за него детето мора да ја запозне во ваше друштво. Ако таа личност е во нова околина, на пример градинка прилагодувањето ќе биде подолго. При изборот на чување треба да размислувате долгорочно, бидејќи менувањето дадилки или градинки може да го збуни детето. 


Баба сервис
Бабите и дедовците се првиот логичен избор на младите родители во периодот кога нивното едногодишно дете мора да почне да го поминува дел од денот без родителите. Една од причините за тоа е и што се најефтината опција за чување. Но родителите се загрижени оти бабите и дедовците ги разгалуваат децата.
„Најголема сигурност имам во свекрвата и мајка ми. Тие ми помагаа во грижата за син ми додека тргна во школо, а сега исто и за ќерка ми. Знам дека нема да ја остават гладна, непресоблечена, ненаспана“ вели една мајка иако признава дека често има проблем со нивната попустливост кон желбите на внучето.
Тоа или било кој друг начин кој го нарушува авторитетот на родителите се еден од проблемите во ваквиот начин на чување. За да тоа помине без поголеми проблеми, треба да поставите јасни правила уште на почетокот. Имено со членовите од семејството не можете да имате ист однос како со дадилките. На почетокот договорете се како сакате да го воспитувате своето дете и до каде се „овластувањата“ на баба и дедо. Ако тоа не го направите може да дојде до неускладеност во воспитувањето, да се појави напнатост меѓу возрасните и детето да биде збунето. Позитивната страна на ваквото чување според родителите е што се посветува поголемо внимание на детето, баба и дедо можат да се и одлични учители. Додека како негативни страни тие ги издвојуваат времето поминато во друштво со постари личности, наместо со врсници и можноста потешко да се вклучи подоцна во групни или друштвени игри, а може да дојде и до емпатија.

 Во градинка

Ако се решите за градинка, потребно е време да поднесете барање за прием во државна градинка или да се распрашате за приватните градинки, кои пак не може секој да си ги дозволи поради високата цена. Но од друга страна немаат сите фирми исто работно време, па најчесто во приватните градинки може да ви излезат во пресрет да го чуваат вашето дете според вашите потреби. Многу родители се грижат како ќе се привикне нивното дете на поминувањето половина ден во градинка. Треба да знаете дека на детето му треба постепено прилагодување. Во непозната околина тоа се чувствува сигурно само ако родителите се близу. Детето помало од три години светот го доживува низ другите личности и поради тоа е многу важно каков однос имаат најблиските кон чувањето.
„Моето дете оди во градинка од една годинка. Прво бев скептична и исплашена, но воспитувачките во јасли беа феноменални и никогаш немавме проблеми. Сега ќе наполни четири години и обожува да оди во градинка, а кога ќе се сретне со другарите на радоста и нема крај.“  е коментарот на една мајка задоволна од третманот на нејзиното дете во градинка.
Тргнувањето во градинка можете да му го олесните со омилената играчка или цуцла – т.е предмет кој ќе го теши додека вас ве нема. За полесно прилагодување во градинка пред првата посета пoразговарајте со детето за играчките и животот во градинка. Објаснете му дека мора да оди таму бидејќи вие одите на работа. Задолжително спомнете му дека секогаш ќе дојдете по него. Пред сè кажувајте му ја вистината и не ветувајте дека ќе дојдете порано по него, ако тоа не е точно. Секогаш поздравете се убаво, но брзо и кажете му дека го сакате. Детето тоа ќе го сфати на свој начин, без разлика на возраста. Секако при вашето одење може да дојде и до плачење, што е сосем нормално. Верувајте, воспитувачките ќе го утешат и ќе се грижат за него убаво. На некои деца само им треба повеќе време да се привикнат на градинката. Веројатно вие ќе плачете повеќе од него.
Но по некое време ќе забележеите дека вашето дете ги имитира врсниците и напредува во развојот. Детето ќе се научи да учествува во група и заедничка игра, да биде самостојно. Децата во градинка имаат ред во спиењето и јадењето и многу играчки и помагала за учење. Едуциран кадар се грижи тоа да се чувствува пријатно. Слаба страна на градинките секако се болестите, на кои децата се посебно чувствителни особено во зима.

 Дадилка

Дадилка ретко кој може да си дозволи, бидејќи е скапа опција и особено неповолна за семејство со повеќе деца. Главна предност е што иако се разболи, дадилката може да се грижи за него, pa не морате да отсуствувате од работа, освен ако на детето му е неопходна мајчината близина.
„Јас лично сум за дадилка барем до втората година. Некако сум помирна кога знам дека некој е посветен само на моето дете, а не на десет и повеќе деца. Секако тоа зависи и од тоа кого ќе најдете за дадилка. Лично сум за помлада дадилка, оти не сакам да дојдам во ситуација на повозрасна жена да ѝ објаснувам што треба да прави, а таа да не ме послуша бидејќи сум „млада и зелена“. Ако најдеш некој кој ќе се грижи за твоето дете како што би се грижела ти, тогаш гласам за дадилка“ – вели една мајка.
Во секој случај детето мора добро да ја запознае личноста која ќе го чува. Ако сте се решиле за непозната личност, тешко е да најдете некој во кој ќе имате доверба да му ја поверите грижата за детето. Затоа одвојте два месеца пред сè за да изберете соодветна личност, а потоа и вашето дете да се навикне на неа.
Ќе му треба време да ја засака и да почувствува дека таа личност му возвраќа љубов. Важно е вие како родители тој однос да го прифатите со радост, не со љубомора. Детето разбира повеќе отколку што мислите. Јасно и искрено објаснете му што се случува. Вашето одење на работа гледајте го од позитивна страна. Детето ќе биде со нова личност која ќе го научи на нови игри и песнички, ќе запознае нови луѓе и навики, така што нема потреба да се чувствувате виновни. Ако сте опуштени и убедени дека ја правите вистинската работа и дека тоа е во ред, вашето дете полесно ќе го прифати секој начин на живот, иако е далеку од идеален. Имајте на ум дека повеќето деца не се воодушевени од разделбата од родителите, но порано или подоцна сите на тоа се навикнуваат.