Дали вашето дете штом ќе стане додека заспие постојано зборува? Или е молчаливо? Каков и да е неговиот карактер, можете да му помогнете на своето дете да ги развива своите говорни вештини, а за тоа потребно е вежбање, исто како со читањето и математиката. Почнете со тоа што ќе бидете активен слушач.

Тоа значи не само да го слушате што ви зборува, туку и да поставувате прашања, давате коментари и водите вистинска конверзација. Овде ви нудиме неколку активности и игри кои ќе ви помогнат во развивањето на говорните вештини, зависно од начинот на кој децата најлесно учат. Но не се држете строго за една група, бидејќи детето може да има корист од сите активности.

За слушачи

Овие деца сакаат да учат додека слушаат па затоа почнете со зборување секогаш кога сте заедно. Кажувајте му за интересни работи кои сте ги прочитале онлајн, опишете што ви се случило на работа. Кога одите на шопинг раскажувајте му за вашите шопинг искуства од детството. Можеби ќе ви се чини дека детето не ви обрнува внимание, но не е така. Ќе се изненадите кога ќе го слушнете како ги прераскажува вашите приказни на некој друг. И запомнете, децата се родени копиранти, па внимавајте на своите зборови.

Поставувајте конкретни прашања. Ако го прашате детето „Што правеше денес на училиште?“ ќе добиете подетални одговори, отколку ако го прашате „Дали ти беше забавно денес на училиште?“. Ако му треба време да одговори, бидете уште поконкретни: „Правевте некој интересен експеримент на часот по природни науки?“ . Дајте му шанса да го опише тоа што го доживеало, а вие слушајте внимателно и заинтересирано. Можеби ќе ви каже многу тривиални детали, но за него сè е важно. А вие уживајте во тие разговори бидејќи за некоја година може да имате бунтовен и молчалив тинејџер.
Снимете го како раскажува приказна или пее песна. Детето ќе сака да го слушне својот глас и ќе биде фасцинирано од тоа како звучи пред другите луѓе. Чувајте ги снимките, за неколку години ќе ви биде мило што имате спомени од тоа како зборувало на одредена возраст.

Заедно читајте ги омилените приказни. Само овој пат направете мали паузи кога ќе дојдете до важни моменти и дозволете му на детето да ги доврши речениците. Некогаш намерно направете грешка и почекајте да видите дали ќе ве корегира.

Раскажување книга. Додека вечерате побарајте од детето накратко да ви ги прераскаже најважните детали од последната прочитана книгата. Сите членови од семејството нека поставуваат прашања, а вие прашајте го што најмногу а што најмалку му се допаднало во книгата.
Нека чита на глас. Вие со години му читавте додека порасна, а сега кога знае да чита, време е тоа да ви чита. Најдете книги кои ќе се соодветни за возраста и лесни за читање. И секако да не се премногу долги оти ќе ја изгуби желбата за читање.

 

За визуелисти
Со оглед дека овие деца најлесно учат преку гледање и набљудување, применете поинакви активности. На пример снимете видео како чита или раскажува приказна. За да биде уште позабавно, дозволете му да се облече како ликовите од книгата и да глуми сцена. Потоа пуштете го видеото и гледајте го заедно. Прашувајте го за неговата актерска изведба и пофалете ги неговите актерски и говорни вештини. Не обрнувајте внимание на грешките, оти идејата е да го натерате да биде слободно кога ќе зборува пред други, а не да го подготвите за јавен говор.

Опишување телевизиска емисија. Поттикнете го да ви раскаже за што се раскажува во емисијата, а со оглед дека е доволно возрасно може да се концентрира не само на содржината туку и на конфликтот во приказната. На пример нека ви објасни зошто главниот лик во одредени мигови се чувствува бесно или тажно.
Раскажување со слики. Најдете слики од некоја приказна, на кои нема текст, поредете ги по содржина и потоа поттикнете го детето само да ви ја раскаже. Или уште подобро ако најдете сликовница без текст. Оваа активност е одлична за деца кои сè уште учат да читаат. Не само што ги гради говорните вештини туку и го поттикнува да се гледа себеси како вистински читател иако не знае да чита.

 

За физички активни деца

Со оглед дека овие деца сакаат постојано да се во движење потребни им се такви активности преку кои полесно ќе учат. Можете да излезете на прошетка во природа, со една кутија во која ќе собирате разни нешта – пердуви, необични камења, разнобојни листови... Кога ќе дојдете дома нека ви опише што е интересно во тие предмети. Или направете една книга со белешки во која може да ги залепите тие предмети, а потоа кога ќе ја листа може да им раскажува на другите луѓе за нив.

Режирање претстава. Заедно напишете кус текст за целото семејство во кој ќе учестувате сите, а детето нека биде режисерот или главната улога. Дури можете да направите аудио или видео снимка од изведбата.

Пишувајте текст. Нека ви раскаже детето кратки приказни, а вие запишете ги. Ако изостави важни детали или нешто не ви е јасно, побарајте од него да ви ги објасни. А додека ви раскажува, нека црта цртежи кои потоа можете да ги склопите во една книга. Повремено извадете ја оваа книга, разгледајте ја заедно и повторно нека ви ги раскажува приказните.

Најново на форумот

  • No posts to display.