Некои видови храна можат да предизвикаат алергиски реакции кај малите деца, па затоа треба да се избегнуваат во првата година од животот. 

Кравјо млеко – е чист алерген. Официјалните педијатриски ставови во светот а и кај нас се дека исхраната со мајчино млеко е најдобар начин на исхрана за доенчињата, а потоа исхраната со фабрички произведени млечни препарати е многу подобра од исхраната со адаптирано кравјо млеко. Вашето млеко секако и после една година и понатаму е подобар избор од кравјото млеко. Впрочем единственото млеко кое му е потребно на вашето дете е вашето млеко. Во некои делови од светот децата воопшто не пијат кравјво млеко, но со квалитетна исхрана, тоа не им пречи да бидат сосема здрави. Ако детето не е доено, кравјото млеко не мора да биде единствен извор на калциум.

И млечните производи воведени во исхраната на 10 месеци се исто така добар извор на калциум. 100 мл кравјо млеко има нешто помалку од 110 мг калциум. Исушен магдонос на пример има дури околу 1400 мг на 100 г. Други добри извори на калциум се шипинки, лешник, кељ, суви смокви, лук, грав, суви кајсии, салата, праз, ориз, сусам.

Мед – никогаш не давајте на дете помало од една година. Медот може да содржи бактерии кои детскиот систем за варење и имунолошкиот систем не можат да ги поднесат и може да заболат од ботулизам.

Јајца – цели јајца избегнувајте во првата година. Почнете со тврдо варена жолчка по полни 10 месеци. Белката е силен алерген.

Сол – може да ги преоптерети детските неразвиени бубрези. Освен тоа детето не треба да се навикнува на вкусот на солено бидејќи тоа ги формира неговите прехрамбени навики за цел живот.

Во семејства со историја на алергија треба посебно да се внимава со исхраната. Во таков случај дохраната може да се одложи, но никако не смее да се наведе пред наполнети шест месеци и мајката треба да биде посебно внимателна со храната која ќе му ја дава на детето. Високо алергенска храна се: пченица, пченка, свинско, риба, кикирики, домат, лук, зелка, лешник, орев, зачини, цитрусно овошје и сокови, чоколадо и секоја храна која предизвикува алергиска реакција кај некој друг член на семејството или ако се покажало дека детето реагира на нејзе преку мајчиното млеко.

Храна која не смее да се воведува пред година поради ризик од гушење :

- лешник, орев, кикирики

- грозје (цели зрна)

- пуканки

- свежи моркови и храна која може да се здроби на големи парчиња

- бомбони.