Во детската возраст ноќното мокрење претставува многу чест проблем. Енуреза е најчест облик на примарно ноќно мокрење кај здрави деца после петтата година.

Според податоци од литературата на возраст од пет години секое четврто дете има енуреза, а при тргнување во училиште секое десетто дете има ноќно мокрење.

Кај децата со енуреза функцијата на бешиката е нормална, празнењето на бешиката е комплетно и се случува без волја на детето во ноќните часови. Во текот на денот детето е суво и нема уринарни инфекции.

Причини за ноќно мокрење

Најзначајни причини се: генетски фактори, цврст сон, зголемено создавање мокрача во тек на сонот или релативно мал капацитет на бешиката. Доколку двајцата родители имале ноќно мокрење веројатноста нивните деца да го имаат истото е дури 75%. Во последните десеттина години се идентификувани неколку гени одговорни за ноќното мокрење. Сонот кај тие деца е многу цврст и веднаш по разговорот со роидителите се добива податок за отежнато будење на детето.

Кај голем дел од децата има зголемено создавање урина во тек на ноќните часови поради лачење на вазопресин кој се лачи на ниво на мозоот и делува на бубрегот регулирајќи ја количината и густината на мокрача во сон.

Лекување

Енурезата не е последица на психолошки проблем на детето и затоа потребно е лекувањето да започне на време, за да не дојде до развој на емотивни и социјали пореметувања. Децата со енуреза се обидуваат да го скријат проблемот од околината, се повлекуваат во себе, чувствуваат несигурност и избегнуваат контакт со другарчињата. Енурезата е проблем на целото семејство, затоа е потребно рано лекување за одржување на хармонијата во семејството.

Децата треба да се однесат на педјатар нефролог кој ќе направи одредени испитувања за да утврди за кој тип енуреза се работи и потоа ќе започне со лекување. Оптималното време за почеток на терапијата е пред започнување на одење на детето во училиште (5-6 год.).

Изборот на терапијата зависи од природата на основното пореметување кое довело до енуреза, а современата терапија е заснована на препораките од Светската здравствена организација.

Лекувањето се спроведува со редовни контроли кај педијатар.


Клиника за детски болести

Нефрологија

Др. В. Тасиќ

Др. Н. Ристоска-Бојковска

Најново на форумот

  • No posts to display.