Овој метод е откриен во 1983 година и оттогаш успешно се користи за третирање на предвремено родени бебиња со ниска телесна тежина, како во болница така и дома.

 

Со кенгур методот им се овозможува на бебињата да се почувствуваат како да се се‘ уште во мајчината утроба и полесно да се адаптираат на надворешниот свет. Кенгур методот бебињата го сакаат бидејќи им дава чувство на сигурност, смиреност, комфор додека лежат на градите од мајката и го чувствуваат чукањето на нејзиното срце и истовремено им помага полесно да ја најдат градата за цицање.

Методот може да се практикува две недели по породувањето, кај бебиња кои се со тежина под или до 2000 г, при тоа важно е да се здрави, односно да нема дијагностицирани било какви нарушувања или заболувања. Исто така добро е ако бебето има рефлекс за цицање и голтање, како и да напредува додека е во инкубатор.

 

Бенефитите од кенгур методот за предвреме родените бебиња се:

- Се стабилизираат телесната температура, срцевите отчукувања и дишењето.

- Се подобрува емотивната врска мајка – дете.

- Се подобрува растот и развојот на бебето.

- Бебињата помалку плачат.

- Се зголемува продукцијата на млеко кај мајката.

- Се намалува ризикот од инфекции.

- Се скратува престојот во болница

 

Еве како се изведува кенгур методот:

1. Облечете го бебето во затоплена облека – капче, пеленки, чорапки.

2. Легнете го на градите да има директен контакт со вашата кожа. Осигурете се дека главата на бебето лежи на вашите гради. Исто така можете да носите широка маица во која ќе го поставите бебето, а под него ќе врзите марама, за да го спречите испаѓањето.

3. Ако не можете на тој начин безбедно да го врзете бебето, можете да искористите еластични марами кои се специјални за таа намена.

4. Кога е бебето вака поставено, се‘ уште можете слободно да се движите, стоите, седите, одите, јадете или зборувате. Но, ако бебето заспие, седнете во полулегната положба и поставете под грбот перници за да ви е пријатно.

Овој метод може да се аплицира додека бебето сака, односно најчесто првите знаци дека повеќе не сака да лежи во таа положба е на возраст од 36 недели, кога е веќе поголемко или барем додека достигне тежина два килограма. За цело време додека е во болница бебето ќе биде под лекарски надзор за да се следи неговиот напредок и развој, додека дојде вистинското време за да биде пуштено дома и за него да се грижат родителите сами.

Најново на форумот

  • No posts to display.