Развојна дисплазија на колкот или како што порано е нарекувана вродена е состојба во која е нарушена нормалната анатомија на зглобот на колкот.

Кај здравиот колк главата е сместена цврсто во вдлабнатината која се наоѓа во карлицата наречена ацетабулум, додека кај диспластичниот колк главата на бутната коска не е цврсто сместена и лесно може да излезе од неа поради анатомската позиција или слабост на лигаментите кои ја држат. Кај некои деца уште при самото раѓање главата на бутната коска не е сместена во ацетабулумот, а кај други пак тоа се влошува како детето расте и станува поактивно.

 

Нетретираната дисплазија на колкот е најчеста причина за појава на стареење на зглобот односно артритис, уште во помлада возраст 30-40 год, дури може и да биде причина тој колк да се замени со вештачки, а полошиот степен на исчашен нетретиран колк најчесто родителите го приметуваат дури кога детето не може да прооди.

Што ја предизвикува и кои се ризик фактори

Генетската предиспозиција, односно ако дисплазијата ја има во поблиската фамилија тогаш шансите се 30 пати поголеми да ја има и детето. Но тоа не е главна причина има и други, како што е позицијата на бебето во стомакот на мајката. Карличната поставеност ја зголемува шансата за дисплазија кај бебињата. Понатаму, дисплазијата на колкот многу често се појавува како пропратен проблем кај бебињата родени со вродени искривувања на стопалата или со крив врат.

Секако не смее да се заборави начинот на кој се повиваат бебињата. Докажано е дека во земјите каде што бебињата се повиваат тесно, односно со фиксирани исправени нозе, стапките на дисплазија се многу високи. Се‘ уште во нашите породилишта може да сретнете бебиња повиени во таканаречена фишек позиција. При повивањето на бебињата не смеете никогаш да го ограничите слободното движење на нозете.

Дијагностика

Колкот кај бебињата е рскавица во поголемиот дел и затоа раната дијагноза не може да се постави со ниедна друга дијагностичка метода туку само со ехосонографски преглед.

Постојат повеке техники за ехосонографски преглед но само еден метод е научно докажан, а тоа е методот на Prof. D-r Reinhard Graf , човекот што го вовел во светот ехосонографското иследување и дијагностицирање на дисплазијата на колкови кај новороденчиња, по чиј метод денес се иследуваат новороденчињата скоро секаде во светот. Методот помага рано да се откријат деформитетите на колкот, затоа Проф. Граф ги класифицирал колковите во четири групи и повеке помали подгрупи. Целта е да се види на кој колк му е потребен третман, а на кој не, односно кој колк е здрав, кој е дисплатичен, а кој е исчашен.

За жал кај нас освен во приватните болници, на бебињата не им се прават ехосонографски прегледи при самото раѓање туку мануелни прегледи од страна на педијатри, а тие не се доволни за поставување на точна дијагноза и рано откривање на дисплазијата.

Кај нас децата при излегувањето од родилиштата се советуваат дека треба да посетат ортопед на возраст после два месеца, што е непотребно долг период. Точната дијагноза и раниот третман за дисплазијата на колкови се неопходни за да се избегнат подоцнежните оперативни корективни интервенции. Затоа бебињата мора да бидат прегледани ехосонографски веднаш по раѓањето, односно колку порано толку подобро, а најдоцна до 6-тата недела. Во Европската унија прегледот на новороденчињата е задолжителен и регулиран со закон, така што мора да се направи до 6-тата недела од животот и го прават само амбуланти со сертификат од Prof. D-r Reinhard Graf.

Третман

Постојат повеке начини на третман на болниот колк, тоа зависи од степенот определен при самиот преглед со ехосонографско мерење, како и возраста на бебето. Доколку сите степени на дисплазија и исчашеност се забележат навреме сите анатомски структури се меки и со одредени конзервативни неоперативни методи главата на колкот може да се врати на местото каде што треба да се наоѓа. Но ако се забележат подоцна, тогаш се неизбежни оперативни интервенции кои некогаш мора да бидат повторувани и не го решаваат проблемот во целост, скоро секогаш останува одреден степен на инвалидитет.

Затоа навремената дијагностика е најдобар третман, односно преглед на бебето до 6-тата недела возраст и тоа во сертифициранаамбуланта за мерење на детски колкови.

Д-р Антоније Хаџи Антоновски, специјалист ортопед

Ортоплус - специјалистичка ординација по ортопедија

Најново на форумот

  • No posts to display.