Анемијата настанува кога бројот на црвени крвни зрнца и нивото на хемоглобинот се под нормалата. Бидејќи црвените крвни зрнца се одговорни за носење храна и кислород низ организмот, анемијата тоа го оневозможува и сериозно влијае на здравјето. Железото е важен елемент кој е потребен за формирањето на црвените крвни зрнца и помага во метаболизмот на енергија како и зголемување на концентрацијата. Нетретираната анемија може да предизвика многу сериозни последици кои ќе резултираат со тешкотии во учењето, спортувањето, намалување на концетрацијата, замор.

Понекогаш родителите не ги забележуваат знаците на анемија кај децата, но ако не ја лечат на време таа може да остави сериозни последици. Затоа обидете се да ги препознаете знаците кои укажуваат дека вашето дете можеби страда од оваа состојба.

Ако детето често е летаргично, поспано или сака многу да спие, мрзеливо, многу јаде но слабо е, тоа може да се симптоми за анемија. Ако детето јаде многу а е слабо, можно е да има глисти, а инфекцијата со глисти е познат предизвикувач на анемија. Ова е бидејќи глистите во детското тело ги користат нутриентите, вклучувајќи го и железото, па поради тоа детето изгледа како неухрането.

Друг начин на кој можете да проверите дали детето е анемично е ако ги погледнете неговите лесно свиткани дланки, кои доколку се бледи можно е да страда од анемија. Истото важи и ако ноктите на рацете се бледи.

Ако забележите некои од овие симптоми проверете дали исхраната на детето е богата со витамини, минерали и железо, па ако одговорот е не, воведете продукти кои се богати со овој елемент како црвено месо, зелен зеленчук, јаткаско овошје. Можете да додадете суплементи со железо, а со нив секако додадете и витамин Ц кој е многу важен за правилна апсробција на железото. Количината дополнително внесување железо зависи од возраста, но генерално за деца кои одат во школо просечно треба околу 10 мг/дневно. Секако пред да земете било што консултирајте се со лекар и следете ги неговите совети.