Генерано денталните пореметувања кај децата се еден од посериозните проблеми со кои можат да се соочат децата во текот на растот и развојот. Уште пред да почнат да растат бебешките заби мора да се грижите за хигиената на устата и непцата. А откако ќе пораснат првите запчиња, тоа што се привремени не значи дека треба да сте неодговорни во грижата за нив, бидејќи од здравјето на млечните заби зависи и здравјето на забите кај детето во иднина. Еве што е потребно да преземате на различна возраст кај бебето, за да му помогнете во иднина да нема проблем со оралното здравје.

 

На возраст од 0-6 месеци:

- Два пати дневно измијте му го непцето со влажна памучна крпа

- Не дозволувајте да заспие бебето додека пие млеко од шишенце

- По доење не заборавајте да му го измиете непцето со навлажената памучна крпа

- Не додавајте шеќер или мед во млекото кое го пие бебето.

 

На возраст од 7 – 12 месеци :

- По секој оброк чистете ја устата со влажна памучна крпа

- Не дозволувајте да заспие додека пие млеко или сок од шишенце, освен вода

- Понудете му вода на бебето ако сака да пие млеко надвор од распоредот кој го имате воспоставено

- Кога ќе почнат да растат запчињата редовно чистете ги со влажна крпа. Внимателно чистете пред и зад забите, помеѓу запчињата, бидејќи тоа се местата на кои се „крие“ храната

- Кога ќе се појават првите запчиња, почнете со користење на мала четка со меки влакна

- Не користете паста за заби, доволно е да ги исчеткате со влажна четкичка

- Однесете го детето на забар по шест месеци откако се појавило првото запче, или кога ќе наполни една година.

 

На возраст од 13- 24 месеци :

- Почнете со користење соодветна детска паста за заби

- Не дозволувајте да заспие додека пие млеко или сок од шишенце, освен вода

- Од пастата ставајте само едно мало зрно со големина на грашок

- Користете мека четкичка за заби, која ќе ја менувате на секои три месеци, дури и ако не се оштетени влакната

- Бидете му пример на детето за одржување редовна орална хигиена, одете заедно на рутинска проверка секои шест месеци

- Практикувајте здрави грицки како свежо овошје или зеленчук

- Избегнувајте грицки со висока содржина на шеќер.