Многу деца уживаат во чаша млеко со колачи пред да легнат да спијат, но лекарите предупредуваат дека ваквата омилена ужина може да биде одговорна за низа здравствени проблеми. Причината е во комбинацијата на шеќер и млеко доцна навечер предизвикува многу детски болести меѓу кои течење на носот, кашлање, суво грло, констипација и умор.

Д-р Џули Веј, педијатар оториноларинголог во детската болница во Орландо, Флорида, ја открила поврзаноста по третманите на деца со хронични симптоми.

Таа прво се обидела да ги лечи децата со лекови, но генерално тоа имало слаб ефект. Потоа почнала секој случај одделно да го набљудува и открила дека голем дел од децата често јаделе слатки, како колачи или бисквити и многу млечни производи, вклучувајќи и млеко пред спиење.

Таа верува дека ваквата комбинација од храна предизвикува враќање на храната во стомакот, езофагусот и грлото, што е причина за појава на симптоми слични на настинка. Поради тоа им предложила на пациентите да не конзумираат такви продукти пред спиење, по што забележала значително подобрување на нивната состојба.

Оваа состојба таа ја нарекла „болест од млеко и колачи“ и тврди дека над 75% од американските деца кои всушност се здрави страдаат токму од ова. Грешката за тоа ја гледа во родителите кои работат многу и немаат време да се посветат на семејството, ниту да видат што нивните деца вечераат.

Д-р Веј предлага децата пред спиење да не земаат никаква храна ниту пијалак освен вода, два часа пред легнувањето, со што ќе го спречат излевањето на храната во стомакот и нагоре.