Цели генерации деца растат во лошо воспитани млади луѓе, само поради стравот на родителите да ги дисциплинираат, предупредуваат американските стручњаци по психологија.

Тие откриваат дека сè почесто во клиниките се работи со деца кои имаат проблеми со однесувањето, како директен резултат на погрешните тактики во воспитувањето од родителите.

Неможејќи да постават било какви граници и правила во воспитувањето, родителите кога веќе се анксиозни и разочарани, ги носат своите нервозни деца кај психолог, само поради погрешно поставените односи во релацијата „родител – дете“.

Семејството е тим, во кој секој член си има свои обврски и задолженија. Ако детето не се научи само да се соочи со основните предизвици и да совлада многу работи, а родителот се поставува како најдобар пријател кој секогаш е тука да му помогне во сè, е на погрешен пат. Така детето ќе се чувствува презаштитено, сигурно и подоцна станува мрзеливо и неодговорно оти знае дека секогаш постои некој кој ќе ги извршува сите негови обврски.

- Сè почеста е сликата од деца на возраст од осум, девет години кои се одлични во училиште, но не знаат сами да отидат во тоалет, да се исчистат потоа или не се интересираат да научат како да се облечат, нахранат сами, ниту пак да си ги врзат чевлите – укажуваат стручњаците и предупредуваат дека без поставувањето граници, давањето задолженија и обврски, развојот на детето е неправилен.

Децата кои знаат дека во секој миг има кој да ги заврши сите работи за нив, кога ќе пораснат и ќе се соочат со поголеми предизвици во животот, покажуваат незрелост во емоционалната интелегенција, назадуваат и сакаат да се вратат во безбедонста на својот дом од детството.

Психологот д-р Арик Сигман, вели дека феноменот на ваквиот однос „родител другар“, може да се објасни делумно со фактот дека жените решаваат подоцна да основаат семејство, па имаат чувство дека ако им кажат „не“ на своите деца или се постават како главни во домот, ја уништува врската меѓу нив и децата.

- Родителите денес, посебно мајките, се постари отколку што биле порано. Исто така тие се вработени и често поради обврските можат многу малку време да им посветат на децата. Па ако се случи детето да се однесува размазено или нервозно, тие ја бараат вината кај себе поради неможноста да им посветат доволно внимание, поради што наместо да ги воспитуваат и дисциплинираат, избираат да бидат попустливи и да им дозволат сè само да не ги вознемируваат.

Според стручните лица, подоцна со ваквиот проблем треба да се соочуваат и да наоѓаат решение учителите и училиштата, кои мора да најдат начин како да се снајдат со деца кои не се научени сами да одат во тоалет, секогаш мора да се во право, сè да биде по нивно, бидејќи не се научени да им се каже „не“. Родителите не прават ништо добро за своите деца ако им се на услуга во секој миг, не ги учат на дисциплина и не ги воспитуваат, само со цел да си ја исчистат вината дека не им посветуваат доволно внимание или сето тоа го надоместуваат со купување скапи играчки и гаџети. Родителите мора да знаат како да постават правила, да ги научат децата како да помагаат во домот, да ги поттикнуваат да станат независни и самостојни оти само така ќе пораснат во одговорни личности способни да се соочат со предизвиците кои ги носи животот.

Најново на форумот

  • No posts to display.