Толку многу играчки, а толку малку време. Играњето е детска работа, а играчките се нивните алатки. Уште од првите обиди на бебето да ја дофати тропалката до тинејџерската заинтересираност за компјутерските игри, децата низ играта учат како да резонираат, да се концентрираат, дружат, ги развиваат моториката и говорните способности.Играчките можат да ја зголемат љубопитноста и да го научат детето како да прави мудри избори.

Најдобрите играчки се оние кои стимулираат многу сетила и му даваат на детето можност да се снаоѓа во различни ситуации, како и да откриваат разни нешта. Бебето се наведнува да ја земе топката на подот и при тоа открива дека не само дека топката се тркала, туку и испушта музика. Тоа го мотивира да се истегне, да посегне по топката и повторно да ја предизвика истата ситуација. Коцките наредени една над друга во кула, го прават детето гордо. Тие исто уживаат и да ја урнат, и одново да ја изградат кулата. Играчките кои создаваат креативност во играта се одлични за долгогодишна забава.

Кога избирате играчка за вашето дете, размислете внимателно за играчката и за детето. Изберете играчка која е соодветна за неговата возраст, да може да ја користи детето во зависност од кои вештини ги има совладано до тогаш и да му овозможи нови предизвици. Со што си игра вашето дете сега? Дајте му играчка која ќе му овозможи да напредува.

Изберете играчки кои можат да се делат со пријателите, но истовремено може детето и само да си игра со нив. Дајте му играчки за кои верувате дека и вие ќе уживате додека си играте со детето заедно. Многу повеќе ќе дознаете за своето дете, неговите желби и чувства, ако седнете на подот и играте со него и неговите играчки. Освен тоа овие спомени траат цел живот. Запомете, вие сте најдобрата „играчка“ која може да ја има вашето дете.

 

Доколку решите да купите нова играчка за вашето дете, еве неколку прашања кои треба да си ги поставите:

1. Што ќе научи од неа моето дете?

2. Дали ќе му го задржи вниманието на моето дете?

3. Дали е безбедна:?

4. Колку мене ќе ме нервира ако ја гледам и слушам?

5. Дали промовира креативност и социјална интерактивност?

6. Дали поттикнува агресивност?

7. Колку е напорна за детето и дали може на било кој начин да му наштети?

8. Дали е подеднакво добра за машки и женски деца?

9. Колку сетила стимулира?

10. Дали ќе уживам и јас додека играм со неа и моето дете?

 

 

Најново на форумот

  • No posts to display.