Тргнувањето во школо или градинка може да биде стрес и за најшармантното и најдруштвено дете.Тука се новите деца со кои треба да се вклопи, промената на средината, секојдневна анксиозност поради новиот почеток. Сето ова може да предизвика срамежливост кај вашето дете, а вие можете да му помогнете да го надмине тоа.

 

 

1. Научете го на основние вештини за спријателување

Децата по природа сакаат да се дружат со други деца кои се во состојба да го делат она кое го имаат, кои не се тепаат, не урлаат и не плачат. Овие основни вештини потребни за спријателување се учат уште дома. На пријателско однесување можете да ги научите децата со сопствен пример. „Бидете љубезни кон своите деца“, советуваат семејните терапевти. Онака како што се однесувате вие кон нив и тие ќе се однесуваат со врсниците и другите.

 

2. Помогнете му

Ако вашето дете штотуку учи да стекне пријатели, не е лошо во тоа да му помогнете малку, но само толку додека почне интеракција со другите деца, советуваат психолозите. Целта е да го поддржите детето во создавањето нови пријателства, а при тоа да не го правите тоа наместо него. Почнете така што на неговите интеракции ќе им дадете некоја структура. За децата на кои им треба мал поттик, понекогаш е доволно да се укаже на сличните интереси: „Маја, ова е Ања! И таа сака принцези!“. На помалите деца или на децата кои имаат потреба од помош, можете да им укажете на изборот на игри кои им се на располагање – како што е правење предмети од пластелин, или градење куќичка од коцки.

 

3. Научете го како да зборува

„Ми се допаѓа...затоа што е...Можам ли да ти помогнам да...?“ се одличен модел на воведни реченици кои можете да ги вежбате со своето дете. Детето на пример, може на друго дете со кое би сакало да си поигра да му каже: „ Ми се допаѓа твојата голема куќа од коцки, бидејќи изгледа како вистинска. Можам ли да ти помогнам да направиш гаража?“. Ако вашето дете настапува позитивно, помала е веројатноста да биде одбиено.

 

4. Научете го да го разбира говорот на телото

Важен дел од интеракцијата со другите претставуваат говорот на телото и изразите на лицето. Децата мораат да научат на кој начин лицето и телото отсликуваат емоции, а особено е важно по изразот на лицето да знаат да ги распознаат шесте основни емоции: радост, тага, гнев, страв, изненадување и гадење. Ако мислите дека вашето дете во тоа не е доволно вешто, можете со него да вежбате изрази пред огледало, како еден вид игра. Тоа е клуч за следниот чекор: покажете му како насмеаното лице, директниот контакт со очи и нежен допир со раката (или „фрлање коска“) може некому да му даде до знаење дека сакаме да се дружиме.

Најново на форумот

  • No posts to display.