Размислувајќи за своето потомство родителите најчесто сакаат да имаат две деца, ќерка и син. Тоа како да е идеална комбинација, која би ја посакал секој.

Интересно е што истражувањата покажуваат малку поинаква слика за тоа што е идеално, па така најсреќни семејства се оние со две ќерки, додека комбинациите ќерка и син се на второ место. Иако полот на детето не е наш избор и засега не можеме да влијаеме на тоа, интересно е да се знае дека бројот и полот на децата во семејството влијае на семејната динамика. Во врска со тоа во Велика Британија е спроведено истражување во 2116 семејства со различни комбинации од број и пол на децата – со повеќе од едно, а најмногу до четири деца.

 

 

Вкупно имало 12 различни комбинации од број и пол на деца. Задачата на родителите била да проценат многу категории поврзани со животот со децата. Помеѓу другото тие ја проценувале и потребната грижа за децата, нивното меѓусебно сложување и севкупно однесување. Добиените податоци на крајот биле неочекувани и интересни.

 

Две ќерки, идеална комбинација

Семејствата со две ќерки се покажале како најскладни, бидејќи тие ретко се караат, убаво си играат заедно и убаво е да се биде со нив. Ретко се бучни, често им се доверуваат на родителите и ретко се игнорираат меѓусебно или пак се расправаат. Добро се сложуваат бидејќи имаат слични интереси, грижи и проблеми, што доведува и до меѓусебна помош. Исто така, повеќе им помагаат на родителите во извршувањето на семејните обврски, при што се и многу одговорни. Слично е и со семејствата во кои има ќерка и син. Главната разлика која родителите ја наведуваат во машко-женската комбинација е сè помалку заеднички интереси низ растењето, што донекаде доведува и до намалување на блискоста.

 

Со четири ќерки е потешко, отколку со четири синови

За очекување е дека семејствата со четири деца ќе бидат помалку складни, бидејќи тешко е да се води грижа за четири деца и да се ускладат сите потреби и желби. Сосема е неочекуван резултатот дека семејствата со најниска складност се оние со четири ќерки, а не со четири сина. Очекувано било дека четири момчиња ќе бидат понапорни за грижа, со повеќе расправии и несогласувања поради нивната поголема енергија, за разлика од девојчињата. Но, се покажало дека кога во семејството има четири ќерки, караниците се чести. Родителите изјавиле дека сестрите се караат и препираат цело време. Меѓусебно се игнорираат и не се сложуваат баш најдобро.

Тешко е нешто да им се објасни и да се суди во нивните расправии. При заедничките семејни излегувања од дома потребна е вечност сите да се подготват и излезат. Секогаш е турканица во бањата и подготовката за починка бара голем труд од родителите. Од вкупниот број семејства со четири ќерки, 63 проценти морале да купат поголема куќа и кола. Исто така наведуваат дека речиси невозможно е да се пребродат тешкотиите кои се појавуваат кога ќерките се болни.

 

Децата сепак се најголемото богатство

Иако се покажало дека постојат големи разлики меѓу семејните динамики зависно од комбинацијата на бројот и полот на деца, сепак тие се наши и не би ги менувале за ништо на светот. Родителите со три или четири деца изјавиле дека кога би можеле од почеток да основаат семејство, не би се решиле за помал број деца. Исто така секое семејство е микро заедница за себе, родителите меѓусебно се разликуваат како и децата, па интересно е да се види како нечие семејство се разликува од трендот наведен во истражувањето. Кога на крај ќе се подвлече црта на сè, децата ни го прават животот поубав, посреќен, побогат, без разлика колку и од кој пол се. Тоа чувство е незаменливо.

Најново на форумот

  • No posts to display.