Новопечените мајки не треба веднаш после породувањето да почнат да вежбаат, без разлика колку и да се чувствуваат подготвени и способни за тоа. Гинеколозите и фитнес-инструкторите предупредуваат дека жените, поради преголема желба за поскоро да си ја вратат старата фигура, пребрзо после породувањето се враќаат на вежбањето.

Со тоа го изложуваат својот ослабен стомак и карличните мускули на опасност. Затоа предупредуваат жените да почекаат најмалку шест месеци од породувањето пред да почнат да трчаат или интензивно да вежбаат.
Познатите мајки својата постпородилна витка линија често ја прикажуваат на социјалните мрежи само неколку недели после породувањето. Тоа доведува жените да бидат под сè поголем стрес и да се стремат што побрзо да ја вратат својата фигура или барем приближната тежина што ја имале пред да останат бремени. 

Многу жени не сфаќаат колку се опасни последиците, доколку не му дозволат на своето тело да се опорави после породувањето.  Голем број фитнес-инструктори и физиотерапевти предупредуваат дека напорното вежбање кратко по породувањето ги изложува карличните мускули на голем притисок. Бидејќи тие веќе се слаби и опуштени, може да дојде до сосема спротивен ефект од оној кој би го имале доколку жената не била бремена неодамна.
Иако физичката активно е генерално добра за човечкото здравје, доколку вежбите се прават на погрешен начин, а посебно во периодот кога телото е ослабнато после породувањето, може да имате повеќе штета отколку корист од него.

Некои жени чувствуваат дека мораат да се ослободат од својот стомак веднаш после породувањето, бидејќи ги гледаат познатите личности на кои тоа им успеало. Поради тоа прават склекови, стомачни и слични вежби, кои можат да влошат одредени состојби кои веќе настанале како последица на бременоста, на пример раздвојување на стомачните мускули. Проблемот е во тоа што кај многу жени нема очигледни симптоми за внатрешните оштетувања од бременоста и породувањето, па тие се чувствуваат подготвени да се ослободат од опуштениот стомак и вишокот килограми.
Секоја бременост, без оглед на тоа дали жената е породена природно или со царски рез, предизвикува притисок на карличните мускули и потенцијално ги оштетува. Поради тоа, ниедна жена не треба интензивно да вежба најмалку шест месеци после породувањето.