Јогата е специфична дисциплина која бара водство, но ако навистина е невозможно да посетувате часови по јога можете да го направите следново нешто кое е многу едноставно и корисно. Станува збор за освестување и следење на стомачното дишење кое нема да ви одземе повеќе од десeттина минути.

Стомачното или абдоминалното дишење е најприродно, најдлабоко и најквалитетно дишење. Набљудувајте ги бебињата или животните и ќе видите дека дишат токму на овој начин. Но со растењето ни се менуваат животните навики, за жал најчесто на полошо, го губиме контактот со себеси и сопственото тело, дишењето станува поплитко, а со тоа и помалку квалитетно. Жените во текот на бременоста, поради зголемувањето на стомакот и желбата да го заштитат бебето на секој можен начин, ја блокираат целосно оваа зона и при тоа се намалува чувството за неа и природниот начин на функционирање, што во никој случај не е добро. Вежбата можете да ја практикувате во секое време од денот и во секоја положба. Се што треба да направите е целото ваше внимание да го насочите на зоната на стомакот и да дозволите вашето дишење да се случува токму тука. Но можете тоа да го направите на начин како што се прави на часот по јога, седнати (како што е прикажано на слика 1), или ако ви е тешко седењето, легнете со нозете свиткани во колената (слика 2). Во која и да сте позиција, поставете ги дланките на стомакот, една над, а друга под папокот.

Секоја техника на дишење започнува со издишување. Дозволете целиот воздух од градите да излезе. Тогаш дланката го следи движењето на стомачните мускули кон долу, ако лежите, или кон назад, ако седите. Потоа опуштетe ги мускулите на стомакот и дозволете да се исполни долниот дел од градите со нов и свеж воздух и во тој момент дланката заедно со стомакот се движат кон горе, ако лежите или кон напред, ако седите. Внимавајте градниот кош да остане неподвижен. Правете го ова 5- 10 минути, свесно и континуирано, следејќи го струењето на воздухот низ ноздрвите во секое наредно вдишување и издишување. Дишењето нека се одвива лесно, природно и без никаков напор и кога ова ќе стане ваша секојдневна пракса, навистина ќе ја исполни својата улога - ќе ве смири целосно и ќе ве исполни со свежина, нова енергија и бистрина во умот.

Би било идеално да одвоите уште 15 минути во кои ќе продолжите со јогиска релаксација, во која ќе ги продолжите и продлабочите ефектите кои ги добивате со дишењето. Во тие моменти на мир и спокојство, понирате во вашата внатрешна тишина и чувствувате дека сте поблиску, најблиску до вашето бебе. Иако можете да ги почувствувате неговите движења, не можете да го видите, чуете и допрете, чувствувате дека е безбедно во вашата утроба, обвиено со нежност, топлина и многу љубов. И верувајте само тоа му е потребно, ништо повеќе, ниту помалку. Одвојте малку време само за вас двајцата, да си кажете дека сте тука еден за друг. Тогаш постоите само вие, тоа е целиот ваш свет и ништо не е поважно од тоа.

Најново на форумот

  • No posts to display.