Во тек на бременост,а особено во третото тромесечие, почнуваат подготовките за породувањето. Некои трудници одат на часови и вежби за опуштање, некои многу читаат и се информираат за различните техники на породување, некои размислуваат за средства за намалување на болките или дури и за царски рез. Подготовките за породувањето, се важни, бидејќи некои од техниките за олеснување на породувањето навистина ќе ви помогнат кога тоа ќе почне. Еве неколку совети како да си го олесните периодот на зачестени болки.

 

1. Опуштање и визуелизација

Кога ќе станат болките интензивни, потребно е што повеќе да се опуштите, иако вашиот природен инстикт ќе ви го вели спротивното. Доколку успеете, не само што вашето тело полесно ќе го поднесе процесот на раѓање, туку опуштањето ќе ја релаксира матката и ќе овозможи попродуктивни контракции. Тоа воедно ќе му овозможи на телото да лачи ендорфин, кој всушност е природна супстанција за ублажување на болките. Доколку доволно се опуштите и не бидете под стрес, ќе му овозможите на вашето бебе подобра исхрана со кислород. Освен тоа, така ќе ја сочувате силата за породувањето и ќе бидете помалку исцрпена кога ќе дојде бебето на свет.

Некои жени успеваат да се опуштат низ техниката на визуелизација. Тоа е нешто кое можете да го вежбате во тек на бременоста, па да бидете подготвени кога ќе почне породувањето. Тоа можат да бидат визуелизации на било што кое ве прави среќна и опуштена, без разлика дали размислувате како лежите на мирно и тивко место, како што е зелена ливада, сончева плажа, удобен кревет или нешто слично кое ве релаксира. При тоа важно е да го одржите чувството на среќа и смиреност што ќе ви помогне да се релаксирате.

Корисно е и да ги визуелизирате контракциите како нешто друго, на пример секој бран болки можете да ги замислите како еден чекор во искачувањето на врв од планина.

 

2. Дишење

Правилното дишење исто ќе ви помогне да се опуштите. Во тек на контракциите, не заборавајте да дишете рамномерно, длабоко и полека. Фокусирајте се на дишењето, така ќе ги оттргнете мислите од контракциите и ќе се опуштите.

Корисни совети за техники на дишење кои ќе ви помогнат да се концентрирате:

- За време на болките, вдишете низ нос и полека издишете низ уста. Помеѓу болките потребно е да дишете нормално и опуштено.

- На некои жени им помага испуштањето звуци при дишењето, како што се „мммм„ или „аааа“.

- Фокусирајте се на некој друг, како на пример вашиот партнер, акушерката или едноставно некој предмет во просторијата и насочете го дишењето во таа насока.

- Доколку вашиот партнер е со вас на породувањето, поттикнете го да ви зборува додека издишувате, така при секое издишување уште повеќе ќе се опуштите и ќе бидете фокусирани на зборовите кои ги кажува.

 

3. Најдете добра положба

Положбата на телото има голема улога во олеснувањето на породувањето. Во тек на контракциите обидете се да ја менувате положбата на телото, па најдете ја онаа која ќе ви биде најудобна. Секако препорачливо е да се поместувате, движите и да не лежите цело време во иста положба. Во првата фаза на болки се препорачува:

- Исправена положба на телото која ќе го поттикне создавањето хормони неопходни за породување, а и влијанието на гравитацијата во таа положба е добредојдено.

- Положба со раширени нозе – клечење или седење исправено на стол, што ќе помогне да се рашири карлицата и да се направи повеќе простор.

- Положба во која телото ви е наведнато нанапред – ќе помогне да се прошири просторот меѓу грбот и долниот дел од карлицата. Во таа положба мускулите на матката попродуктивно ја вршат својата улога, а бебето има повеќе простор.

Доколку пак заборавите на сите совети, техники на дишење, положби и визуелизации, не грижете се. Породувањето е природен процес и потребно е само да ја задржите контролата и да го следите својот инстикт.

 

 

Најново на форумот

  • No posts to display.